„Повардарие“ треба да им ги плати на лозарите заостанатите пари за откупеното грозје во претходниот период, одговори денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на новинарско прашање поврзано за долговите на винарницата кон лозарите за грозје од претходните години.
– Она што можам да го кажам е дека над 10 средби и состаноци остварив со сите заинтересирани страни во делот на проблемот со „Повардарие“. Она што на мене ми го предочуваат сопствениците е дека биле измамени од претходната власт, и покрај тоа што немале потреба да откупуваат поголема количина грозје, им биле ветени два до три денари, што претходната влада не им ги исплати, рече Николовски, додавајќи дека долгот спрема лозарите треба да се исплати.
Кога започнале разговорите, потсети дека долгот на винарската визба „Повардарие“ беше над 3,5 милиони евра. Денес, како што рече, долгот е околу милион евра. – Околу два и пол милиони евра се исплатија во целиот овој период токму како резултат на таа комуникација, кординација и притисок што постоеше, затоа што навистина сакаме секој што работи во државата да си ги преземе и обврските што ги има согласно со законот, рече Николовски.
Според него, потребно е целиот долг спрема лозарите да биде исплатен и да се плати казна од 10 проценти спрема државата поради тоа што се избришани како „Повардарие“ од Регистарот на винарски визби и согласно тоа, доколку сакаат повторно да откупуваат, да бидат регистрирани во Регистарот. – Јас нема и не планирам да направам ништо што е незаконски и ништо што е штета на државата и на лозарите, рече Николовски, додавајќи дека има ветувања дека исплатата ќе се реализира во следните денови, односно до крајот на месецот.
Тој нагласи дека оваа Влада пред неколку дена исплати седумстотини илјади евра спрема останатите 13 винарски визби.
– Тоа што претходните го ветиле ние го реализиравме. Седумстотини илјади евра стигнаа на сметките на винарските визби како резултат на претходната одлука. Ги охрабруваме во „Повардарие“ целиот нивен долг да биде исплатен, истакна Николовски.
Тоа е сето она што може, додаде, и на кое е фокусирана оваа Влада, а е резултат на политиките на враќањето на парите кон граѓаните.
– За два месеца исплативме седумдесет милиони евра субвенции и обезбедивме дополнителни десет милиони евра што не беа во рамки на буџетот, а ќе бидат исплатени кон земјоделците до крајот на 2017 година. Тоа се дел од новите мерки и политики меѓу кои е и мерката за млад земјоделец. Правиме максимални напори сите пари да ги вратиме назад кон граѓаните, кон земјоделците, а веќе од следната година да креираме системски долгорочни мерки и решенија што ќе значат и зголемување на површините и на приносот и на квалитетот, додаде Николовски.