Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги прифати барањата на преспанските јабокопроизводители за продолжување на мерката за дополнителни три денари предадено индустриско јаболко до 30 јуни годинава, како и исплаќање субвенциите пред законски предвидените рокови.
Ова денеска им го соопшти ресорниот министер Љупчо Николовски на работниот состанок со производителите на јаболка во Ресен.
Мерката се однесува за продадено индустриско јаболко предадено кај регистрирани откупувачи во земјава и странство. Со оваа одлука, како што појасни, се очекува да се откупат до 30.000 тона јаболка, што се нови 90 милиони денари за производителите на јаболка.
– МЗШВ оваа дополнителна мерка ја воведе минатата година, а во периодот откако стапи на сила до денес се откупени 45 илјади килограми јаболко, што е два до три пати повеќе од било која година претходно. Тоа се околу 2,5 милиони евра повеќе пари што оваа година ќе дојдат кај производителите на јаболка во преспанскиот регион, истакна Николовски.
Министерството, додаде, претходно ги прифати и другите две барања на производителите на јаболка, односно основната субвенциија за одржување на овошни насади ќе биде исплатена до 25 март, а дополнителната поддршка од три денари ќе биде исплатена до 30 јуни.
– МЗШВ континуирано работи на поддршка на производството на јаболка. Уште во првите два месеци од мандатот директните плаќања се зголемија за 10 отсто за земјоделците со развоен потенцијал или од 33.000 денари на 36.300 денари по хектар, посочи Николовски.
Тој потсети дека во првата годишна програма за 2018 година, субвенциите по хектар за развојната категорија на овоштари кои имаат од еден до пет хектари се зголемија за 20 отсто односно од 33.000 на 39.600 денари по хектар. За дополнителни субвенции за килограм предадено јаболко во преработувачки капацитети беше зголемена од два на три денари по килограм. За првпат се воведе и нова мерка за промена на сортната структура во овоштарството за дополнителни 10.000 денари, како и нова подмерка за зголемени субвенции за 30 отсто за промена на тип на производство од нискодоходовна во повисоко доходовна култура, од поледелски во овоштарски култури. Минатата година со цел да им се помогне на овоштарите кои претрпеа загуби поради временските непогоди се воведе интервентната дополнителна субвенција од три денари за килограм предадени индустриски јаболка.
-Во новата Програма за директни плаќања 2019, согласно препораките на Европската Унија дополнителната субвенција од три денари за килограм предадени индустриски јаболка е трансформирана во субвебнцијата по површина. И оваа година во новата Програма субвенциите за одржување на насади се зголемени и тоа од 39.000 денари по хектар на 50.000 денари, со тоа овоштарите имаат дополнителни 15 отсто за подрачја со огранични можности над 700 метри надморска височина, а Ресен влегува во таа категорија и таа субвенција за развојните категории достигнува 57.500 денари по хектар, истакна Николовски.
Дополнително преку Програмата за рурален развој за 2019 и преку мерките од ИПАРД програмата, додаде, се отвораат можности за инвестиции во преработувачки капацитетите, што е важно за обезбедување на сигурен пласман и решавање на вишоците на земјоделски производи. МЗШВ интензивно работи на барање на нови пазари за македонските земјоделски производи вклучително и за јаболката, и за таа цел во новата Програма за рурален развој, субвенцијата за поддршка за учество на домашни и странски саеми е зголемена од 400.000 евра на еден милион евра.