Сточарството е нашиот главен фокус оваа 2024 година. Креиравме многу нови мерки за поддршка на сточарите и со право оваа година велиме дека е година на сточарството, истакна Министерот Николовски на денешната средба со сточарите во Берово.
– Од 4.000 на 12.000 денари се зголемува поддршката за женски грла говеда постари од 12 месеци. Поддршката за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет исто така се зголемува, од 400 на 1.000 денари. Ваквото зголемување на поддршката за овие мерки има за цел, да даде поголем мотив, сигурност и поддршка во работата на сточарите, но и на долг рок, да даде резултати во зголемување на домашниот сточен фонд, производството на млеко и месо. Ова зголемување следува откако во 2023 година, преку новиот систем за контрола предвиден со новиот модел за субвенционирање, ставивме ред, добивајќи ја реалната бројка на животни за кои се исплаќа финансиска поддршка.
Креирана е нова мерка за поддршка во одржување на ливадите, во висина од 6.000 денари по хектар. Мерка по европски стандарди, која има за цел да ги стави во функција површините со намена ливади и пасишта, за производство на храна за добитокот. Преку програмата за рурален развој ги помагаме сточарите во трошоците за ангажирање на работна сила за чување и напасување на добитокот на пасишта или ливади. Од досегашните 360.000 денари по овчар, на 620.000 денари се зголемува платата за овчарите, а дополнително се трга досегашниот критериум над 700 метри надморска висина. Водиме искрена грижа за секој земјоделец, секој еден сточар. Креираме мерки според потребите на земјоделците, преку кои постигнуваме одржливост и развој во македонското земјоделство – рече Николовски