Стапката на невработеност во Европска унија во декември 2012 година остана непроменета, трет месец по ред, на рекордно високото ниво од 10,7 проценти., покажуваат денеска објавените резултати на статистичката агенција на ЕУ „Евростат“.
Како што пренесува ДПА, во ЕУ лани во декември без работа биле 26 милиони лица.
На ниво на еврозоната пак стапката на невработеност во последниот месец од 2012 изнесуваше 11,7 проценти, што претставува благо намалување од ноемвриските 11,8 проценти, иако експертите предвидуваа таа да се покачи на 11,9 проценти.
Стапката на невработеност во еврозоната континуирано растеше од средината на 2011 година, па се до октомври 2012, по што во ноември остана на исто ниво.
Според најновите податоци на Евростат, во декември минатата година без работа во еврозоната биле 18,7 милиони лица, што е за 1,8 милиони повеќе во споредба со истиот месец во 2011 година.
Највисока стапка на инфалција во еврозоната и натаму имаат Грција и Шпанија и таа е на ниво од над 26 проценти, при што меѓу младите таа надминуваа 55 отсто. Од друга страна најниски стапки на невработеност имаат Австрија (4,3 проценти), Луксембург (5,3), Германија (5,3) и Холандија (5,8 отсто).