Светот се соочува со глобална криза за вработување која го загрозува економскиот раст, предупреди Светска банка, потсетувајќи дека не постои чудотворен лек за тоа.
Потребно е да се отворат 600 милиони нови работни места до 2030 година за светот да може да се справи со зголемување на бројот на жители, наведува Светска банка во извештајот за вработување во светот, поднесен на состанокт на министри за труд и вработување во земјите од Г20 (Г20) во Австралија.
– Нема сомнеж дека постои глобална криза за вработување. Владее недостиг на работни места, пред се квалификувани работни места, вели ресорниот директор на Светска банка Најџел Твоз.
Според него, постои загриженост поради нееднаквата заработувачка во многу земји од Групата 20, и покрај напредокот во земјите во развој како што се Бразил и Јужна Африка.
– Отворањето нови работни места поприсутно е во земјите во развој, отколку во развиените, но и понатаму се гледаат големи предизвици, истакнува Твоз.
Според податоците на Организацијата за економска сорботка и развој (ОЕЦД), повеќе од 100 милиони лица се невработени во земјите од Г20, а 440 милиони вработени се сиромашни бидејќи заработуваат помалку од два долара дневно.
Економскиот раст и натаму ќе биде низок, бидејќи невработеноста ја намалува потрошувачката и инвестициите, а платите во многу земји стагнираат или дури се и намалени, наведува Светска банка.
Министрите за финансии на државите Г20 во април поставија цел во светот во наредните пет години да се зголеми БДП за два отсто.
Меѓународниот монетарен фонд во јули предупреди дека оваа цел можеби нема да може да биде постигната бидејќи растат каматните стапки и успорениот економски раст во земјите во развој.
Невработеноста во 18 земји членки на еврозоната во февруари изнесува 11,9 проценти и е блиску до неодамна постигнатиот рекорд.
Според Еуростат во земјите на ЕУ во февруари имало 25,9 милиони невработени лица.
Невработеноста растеше во Франција и тоа девет месеци по ред. Бројот на невработени во јули се зголеми за 0,8 проценти или за 26.100, што е нов рекорд кај лица без никаква активност.
Кризата во Украина и економските контрамерки на Русија може да доведе бројот на отпуштени работници во ЕУ да достигне 130.000 лица, а најмногу во Полска.
Во регионот бројот на вработени се намалува во Хрватска. Според државната статистика, за една година бројот на вработени е намален за 26.457 лица. Во БиХ невработеноста е зголемена за 13.867 лица и изнесува 550.000 лица.
Невработеноста се зголемува и во развиените земји како Австралија, каде во јули е зголемена за 6,4 проценти. Бројот на невработени во јули пораснал за 43.700 лица.