Нема хонорари над 9.590 денари за јануари

Од:

Во најдолгиот месец од годината, хонорарците што земаат надомест поголем од 9.590 денари, ќе останат без примања. Од авторската агенција „Берин“ велат дека од ПИОМ добиле известување, во кое се бара од нив да не исплаќаат хонорари поголеми од 9.590 денари сè додека на интернет-страницата не биде објавено известување за тоа како ќе се вршат пресметките, пренесува мета.мк.

Причината за ова, како што стои во известувањето, е некоординираноста на Министерството за труд и социјална политика, ПИОМ и УЈП за новиот закон со кој е предвидено и хонорарците да плаќаат пензиско и инвалидско осигурување.

– Ни рекоа да почекаме затоа што има некои нејаснотии. Начинот на исплата е дефиниран, но, еве, и по неколку месеци откако е донесен законот, пресметката лебди во воздух. Ние од агенциите тогаш реагиравме со допис до надлежните министерства и им укажавме на можните проблеми, ама никој не сакаше да преземе нешто и тоа да се спречи. Затоа сега редовно ќе земат хонорар оние луѓе кои имаат побарување помало од минималната плата, но сите со износ поголем од 9.590 денари можеби ќе треба да почекаат. Тоа создава недоверба кај нашите клиенти иако ние не сме виновни за овие пропусти на надлежните институции – велат од „Берин“.

Ако државните институции сè уште не се координирани, зашто брзаа законот да почне да се применува од први овој месец, прашавме во Министерството за труд и социјална политика и во Министерството за  финансии, но не добивме одговор. Прашања испративме и во ПИОМ, но никој досега не одговори на нив.

Претседателката на Синдикатот на новинари, Тамара Чаусидис, вели дека со ова се покажува дека бил точен нивниот став оти овие законски измени ќе се прекршат врз грбот на работниците. Според неа, тоа се лажни социјални мерки и веќе на почетокот се гледаат нивните ефекти, отпуштање работници, намалување хонорари, а сега, затоа што институциите не можат да го администрираат овој закон, граѓаните ќе останат без примања.

– Уште еднаш повторуваме и бараме примената на законските измени да се стопира. Ако не сакаат да го направат тоа во интерес на работниците, нека го направат поради неможноста на институциите да го администрираат, само нека го направат! Автентичните синдикати можат да им помогнат да се дојде до решение, но за тоа да биде можно, потребно е да се стопираат овие несреќни измени и да се влезе во расправа со сите засегнати страни, а не од позиција на сила да се наметнуваат решенија што и самите институции не можат да ги спроведат – вели Чаусидис.

Со овој став се согласува и Здравко Савески од левичарското здружение „Солидарност“. Тој вели дека законот треба да се одложи затоа што, очигледно, институциите немаат капацитет да го спроведат.

Би можело да ве интересира

Агенцијата за филм без критериуми исплаќала хонорари од 15.000 до 60.000 денари за рецензенти, утврдија ревизорите

A1on

(ВИДЕО) Актери: Доста со овој грабеж, укинете го законот за хонорари!

Ана Ололовска

ВИДЕО: Нека го повлечат законот за хонорарци пред да си заминат од власт

Ана Ололовска

ВИДЕО: Во Уставен суд поднесени 6.400 претставки за хонорарите

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Протест на хонорарците: УА Лопови

Ана Ололовска

(ВИДЕО) АЈДЕ!: Утре сите на протестен марш – НЕ за неуставните закони за хонорарците!

Ана Ололовска