„Како институција веруваме дека нашата мисија може да биде остварена само со јасно и објективно пренесување на нашите ставови и одлуки во јавноста, а тоа е речиси невозможно без поддршката од страна на медиумите. Водејќи се од овој принцип, бевме втората земја во светот којашто учествуваше во пилот-проектот на ММФ за оцена на транспарентноста на Народната банка во согласност со најновиот кодекс за транспарентност на централните банки. Позитивните оцени се нашиот поттик за натамошни вложувања во оваа сфера“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, отворајќи ја работилницата за новинарите на која беа презентирани можностите коишто ги нуди НБСтат.
Ангеловска-Бежоска се осврна на заложбите на Народната банка за постојано јакнење на својот институционален капацитет во областа на статистиката, со што се придонесува за јакнење на процесот на донесување одлуки на економските чинители, особено при носењето политики за одржување на макроекономската стабилност. Притоа гувернерката истакна: „Изготвувањето и дисеминацијата на статистичките податоци во согласност со највисоките стандарди е наша стратешка определба. Благодарение на нашите напори и вложувања, станавме една од осумнаесетте земји коишто го исполнуваат највисокиот статистички стандард на ММФ ‒ СДДС плус“.
буката ја спроведоа Бојана Јосифовска и Бобан Нешковиќ, експерти од Дирекцијата за статистика при Народната банка, предводени од директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика Султанија Бојчева-Терзијан, која обраќајќи се пред новинарите нагласи дека: „Податоците имаат вредност само доколку се користат и се основа за донесување одлуки на индивидуите, претпријатијата, новинарите, истражувачите, носителите на економски политики. Оттука, оваа работилница за нас претставува значајна инвестиција за иднината, како и поголем квалитет во обезбедувањето производ што претставува јавно добро, а тоа се навремените, сеопфатни и квалитетни статистички податоци.“
На обуката присуствуваа новинари, претставници од голем број медиуми коишто известуваат во доменот на економијата.
Одржаната работилница е дел од низата активности коишто Народната банка ги спроведува за поддршка на јасното и објективно пренесување на нејзините ставови и одлуки во јавноста. Со тоа, се придржува кон транспарентноста и отчетноста како фундаментални принципи врз коишто отсекогаш се темелело работењето на Народната банка. Тоа е процес во којшто улогата на новинарите и нивната потреба за јасна, поткрепена и точна информираност е огромна.