Намален прометот на пазарот за месо во Атина, попуст за навивачите на ПАОК

Од:

Пазарот Варвакиос во центарот на Атина е местото кое што Грците, традиционално, секоја година го посетуваат во пресрет на Велигден за да се снабдат со месо. Оваа година, несвојствено за деновите пред големиот празник, раздвиженоста и посетеноста беше помала во споредба со лани, но и претходните години.

Сопствениците на тезгите, но и купувачите, објаснуваат дека ова се должи и на лошата финансиска состојба на Грците, но и на конкурентните цени во супермаркетите.

Претседателот на пазарот, Клеантис Циронис, вели дека цените во споредба со лани се за околу 2 евра пониски, но и покрај тоа, посетеноста е за 30-40% помала за разлика од минатата година. Тој, коментира дека луѓето немаат пари, ќе прошетаат и си одат, без да купат нешто.

-Не заборавајте дека парите што ги земаат вработениот или пензионерот се за една седмица, говорам за една нормална класа. Знаете дека богатите станаа богати, а сиромашните сиромашни. Средна класа и да не постои. Затоа и ситуацијата е ваква каква што ја гледате. Да се надеваме дека ќе дојдат подобри денови. Оваа година, месото е за 2 евра поевтино, но пак нема продажба, падот е околу 30-40%, вели Циронис.

Сопственик на продавница со месо во рамките на пазарот, вели дека кај него, нема промени на цените.

-Секоја година цените се исти на сѐ. Нема промени. На пример, таблите со цени, секоја година се исти, не ги менуваме. Во случај да има недостиг на месо на пазарот, како на пример пред пет години немаше доволно јагнешко месо, тогаш цените стигнуваа и до 13 евра, тогаш има разлика. Сега е сѐ исто како и лани, вели сопственикот на чија тезга има различни видови месо.

Супермаркетите се „закана” за традиционалниот атински пазар. Конкурентните цени во синџирите супермаркети, освен финансиските проблеми, се дополнителна причина за намалениот промет на атинскиот пазар.

-Супермаркетите ни се најголемата конкуренција. Разликата е околу 40 евро центи, но за 10 килограми, тоа се четири евра, вели еден од месарите на пазарот.

Оваа разлика ја забележуваат и потенцираат и граѓаните.

-Земавме некои работи, но евтини. Колку што гледам, овде е поскапо отколку во супермаркет. Вчера бев во супермаркет и јагнешкото месо е 5.29, а овде е 6-6.30-7 евра тука. И лани пазарев во супермаркет. Дојдов тука, ги разгледав цените и испазарив во супермаркет. Веројатно исто ќе биде и сега, вели еден повозрасен Грк.

-Овде е скапо и не знаеш каков е квалитетот. Од 200 пати што сум купил од тука, 150 пати не беше добар квалитетот. Затоа и нема луѓе, затоа одат во супермаркети, коментира еден пензионер.

Во однос на тоа каква е ситуацијата сега во споредба со онаа пред кризата, претседателот на пазарот, Клеантис Циронис коментира дека разликата е како меѓу ден и ноќ.

-Профитот е за плачење. Кога не успеваме 15 продавници да стигнеме до 1000 евра профит дневно, може да сфатите што се случува, вели тој.

Поевтино јагнешко месо за навивачите на ПАОК – добиваат 20% попуст.

-Давам попуст од 20%. Тие што доаѓаат тука и докажано е дека се ПАОК, а ги има многу, добиваат 20% попуст на јагнешкото месо, а во исто време добиваат и 2 шишиња вино што ни ги испрати една винарија. Кога се појавив во медиумите и реков дека ќе понудам 20% попуст, сопственикот на конкретната винарија, кој исто така е навивач на ПАОК ми прати вино за да им давам на муштериите, раскажува Циронис.

Цените за Велигден во Грција на исто ниво како и лани.

Според проценките и анализите на Конфедерацијата за трговија и претприемништво на Грција, Велигденската трпеза оваа година чини речиси исто како и лани, односно околу 93 евра за 6-8 лица.

-Трошоците за Велигденската трпеза се очекува да останат непроменети во споредба со минатата година, и покрај силните притисоци од зголемените цени на овошјето и зеленчукот, вели претседателот на Конфедерацијата за трговија и претприемништво на Грција, Јоргос Караникас.

Според извештајот на Истражувачки институт за стоки за широка потрошувачка трошокот за неопходните производи за Велигден во големите супермаркети е за 3% помал во споредба со лани.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Владата нема решение – ние ќе предложиме вистински мерки за намалување на цените на производите

Горан Наумовски

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Ристески: Законот за нефер трговски практики ќе ги намали цените на производите барем за 10 отсто

Силен земјотрес во Грција