Американската агенција за процена на кредитниот рејтинг „Стандард енд пурс“ ја намали оценката за најстарата банка во светот – италијанската Монте деи Паски ди Сиена.
Досега рејтингот на банката изнесуваше БББ-, а сега агенцијата го намали на нивото ББ+, со што е ставена во категоријата на недоверливи финансиски институции. Агенцијата нагласи дека перспективата за банката е негативна.
Оваа банка беше тешко погодена од должничката криза во еврозоната и според „Стандард енд пурс“ таа може да заврши со загуба во 2013 година, а исто така и да не може да ја реализира програмата за зголемување на капиталот во 2014 година.
Монте деи Паски ди Сиена е основана во 1472 година од властите на тогашниот град-република Сиена, Во Италија и странство банката има над три илјади филијали, во кои работат околу 33 илјади лица. Во моментов банката е на трето место на листата најголеми банки во Италија.