Над 60 проценти од компаниите кои ги има анкетирано Стопанската комора на Македонија се соочуваат со недостиг на работна сила. Недостига кадар од различни типови на образование и од различни професии, почнувајќи од мајстори до висококвалификувани кадри.
Причината за ваквата состојба, дел од компаниите ја гледаат во заминувањето на работоспособното население надвор од државата, а дел во несоодветното образование и неактивноста на работоспособното население.
Недостигот на кадар не е карактеристика само за еден од планските региони во државата, туку се јавува како проблем во сите плански региони.
– Од оние што бараат работа претежно тоа се лица со професии од општествените науки кои не можат да најдат работа на пазарот на труд. Затоа се тежнее кон тоа да се направи нивна преквалификација и доквалификација за да може да се вклучат во работниот процес. Исто така тоа се лица со високообразовни квалификации кои не сакаат да работат со пониско ниво на квалификации, иако платите што се нудат во компаниите се повисоки. Имате компании кои нудат плата до 30 илјади денари, но не можат да најдат кадар бидејќи работниците сметаат дека многу им е подобро да седат дома, отколку да бараат работа, рече денеска на прес-конференција Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.
Од Комората се задоволни што во Оперативниот план за вработување за 2020 година при креирањето на мерките се земени предвид потребите на компаниите.
Директорката на Агенцијата за вработувања Билјана Јовановска се надева дека и овој Оперативен план ќе ги даде очекуваните резултати.
– Министерството за труд и социјална политика како носител на Оперативниот план најверојатно ги има вклучено сите субјекти и партнери за кои смета дека ќе дадат ефект во позитивна насока за реализација на Оперативниот план бидејќи во 2019 година имаше успешна реализација со опфат на корисници околу 9.000 невработени и над 96 проценти буџетска реализација, рече Јовановска.