МЗШВ ја информира јавноста дека промената на цената на лебот се однесува на еден тип на леб и корекцијата ја имаат направено 3 компании производители на леб од Скопје и една компанија од Тетово, како поединечна одлука на фирмите. До овој момент големите фирми не ја имаат зголемено цената на лебот.
Сите останати информации се груби манипулации со јавноста. Доколку дојде до драстично зголемување на цените и на другите типови на леб, што би влијаело врз поскапување на животниот стандард, МЗШВ веднаш ќе интервенира преку Агенцијата за стокови резери, која што по жетвата направи јавна набавка од 13.000 тони пченица. На тој начин ќе се интервенира на пазарот за стабилизирање на цената на лебот.
Подсекторската група во рамки на МЗШВ веќе прави анализи, ја следи состојбата на пазарот и оваа недела ќе се одржи состанок со земјоделците производители на пченица и со мелничарите.
Пченицата е берзански производ и цената ја диктира светската берза. Лани и оваа година поради климатските промени имаше помали приноси, што во опкружувањето предизвика недостиг на пченица и зголемување на цената на пченицата и на брашното, што може да е една од причините поради која што неколку компании донесоа одлука за зголемување на цената на еден тип на леб од 15 на 18 денари.
Пред почетокот на жетвата МЗШВ воведе сет мерки за поддршка на производството на пченица и на мелничката индустрија, како и за поголем откуп на домашна пченица. Се воведе субвенција од 1 денар за килограм откупена домашна пченица за мелничарите, со цел да се поттикне производството и откупот на домашна пченица. Оваа мерка го поттикнува договорното производство и ја подобрува конкурентноста на домашната мелничка индустрија. Се зголеми минимумот пријавени површини за добивање целосна сума од програмираната субвенција за полјоделски култури, вклучително и за пченицата. Односно, ако досега 100 отсто од субвенцијата добивале оние кои пријавиле од 0,3 до 10 хектари, сега за оваа категорија на земјоделци ќе се исплаќа 100 отсто од субвенцијата за пријавени површини до 20 хектари. Висината на субвенциите за пријавените површини од над 100 хектари, наместо 10 отсто од субвенцијата, ќе изнесува 20%. Исто така навреме веднаш по завшрување на жетвата Агенцијата за стокови резерви го објави јавниот оглас за набавка на 13.000 тони домашна пченица, што придонесе за поголем откуп на домашното лебно зрно.