Италија оствари одличен напредок, а реформите кои ги направи може да бидат модел за фискална стабилизација и поттикнување на растот во еврозоната, оценува Мисијата на меѓународниот монетарен фонд, веднаш по завршувањето на посетата на Италија.
Во соопштението на ММФ стои дека Владата, благодарение на големата политичка поддршка, презеде амбициозни реформи кои ја спасија Италија од амбисот во кој можеше да се најде.
ММФ очекува дека италијанската економија годинава ќе забележи пад поради силниот негативен финансиски притисок, тешките услови и кризата. Опоравувањето на економијата се очекува на почетокот на 2013-та, благодарение на скромниот пораст на извозот и инвестициите.
Реформите на италијанскиот пазар треба под итно да се спроведат за да се ублажи неизвесноста и да се намали невработеноста, пред се на младите и жените.
Приоритет исто така би требало да бидат реформите во енергетскиот сектор и јавните услуги кои имаат најголемо влијание на економскиот раст, како и помошта на малите и средни претпријатија. Реформите на пазарот на труд и либерализација на секторот на услугите може да доведе од 6 отсто раст во италијанската економија, велат од ММФ.
Според прогнозите на Владата, италијанската економија оваа година ќе забележи пад за 1,2 отсто. Како што бележи италијанската агенцијата за статистика, оваа седмица економијата бележи пад, со што рецесијата и понатаму се продлабочува.