Михајловиќ – Бектеши: Унапредување на соработката меѓу Србија и Македонија во енергетиката, во план изградба на гасна интерконекција

Од:

Потпретседателката на Владата на Србија и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ и министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, денеска во Белград имаа разговори за соработката меѓу двете министерства во областа на енергетиката, енергетската безбедност и за нови проекти, јави дописникот на МИА од Белград.

На средбата Бектеши посочи дека Северна Македонија е многу заинтересирана за унапредување на соработката со Србија во сите делови на енергетскиот сектор, а особено го истакна поврзувањето во гасниот сектор, кој е важен за диверзификација на снабдувањето со овој извор на енергија.

Министерот Бектеши истакна дека зголемувањето на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Србија е од клучна важност за растот на економиите на двете земји

Србија е заинтересирана за подобра соработка со Северна Македонија, за поврзување со гасни интерконекции, за соработка во областа на електричната енергија и обновливите извори на енергија, изјави српската вицепремиерка Михајловиќ, соопштија од нејзиниот кабинет.

-Верувам дека нашата соработка е важна и за регионот и дека се што правиме заедно придонесува за нашата енергетска безбедност како регион. Исто така, има простор за подобрување на соработката во рамките на иницијативата Отворен Балкан, што е важно за побрз економски развој на регионот, кажа Зорана Михајловиќ.

На средбата одржана на маргините на денешниот Министерски совет на Енергетската заедница, што се одржа во Белград, се разговараше и за изградба на гасна интерконекција меѓу двете земји, на која беше договорено да се формира работна група предводена од претставници на надлежните министерства на двете држави.

Договорено е и во наредниот период да биде потпишан меморандум за разбирање меѓу двете министерства.

Би можело да ве интересира

Во тек се преговорите со откупувачите за новата реколта тутун

Државниот инспекторат за животна средина се врати во матичното Министерство

Триесеттина патници дневно на повторно воспоставената железничка линија Скопје-Куманово-Скопје

Што растеше побрзо – платите или цените?

Поранешен европски шампион застрелан во ресторан во Белград

Доналд Трамп назначи бизнисмен со српско потекло за шеф на државната банка