Мерките на Владата ја намалуваат сиромаштијата, според истражувањето на „Finance Think“

Од:

Екстремната сиромаштија која претставува неможност да се задоволат основните егзистенцијални потреби во Македонија се намалува, покажува истражувањето на Институтот за економско истражување и политики „Finance Think“. Но, поради кризата предизвикана од коронавирусот, се зголемува релативната сиромаштија, што претставува вид на недостаток на ресурси во домаќинствата. Институтот посочува дека реформата на системот за социјална заштита направена пред пандемијата, резултира со помала екстремна сиромаштија.

Олеснетите услови за стекнување со гарантирана минимална помош, според резултатите од истражувањето, имаат за цел да извлечат од екстремна сиромаштија околу 24 илјади лица.

„Апсолутната т.н. екстремна сиромаштија се намалува, што на прв поглед е чуден резултат. Но, ова движење се должи на фактот што помеѓу нашата почетна точка пред Ковид-19 и крајна точка по Ковид-19, настана реформа на системот за социјална заштита преку зголемување на износите, интегрирање на повеќе видови социјална помош и попрецизно таргетирање. Стапката на релативна сиромаштија поради Ковид-19 се зголемува за 1.2 процентни поени на 23.7%, што претставува околу 25.000 лица втурнати во сиромаштија како последица на пандемијата и елиминирање на придобивките од нејзиното намалување во последните пет-шест години“, стои во последното истражување на „Finance Think“.

Пред Ковид-19, гарантирана минимална помош користеле околу 27.5 илјади домаќинства. Во истражувањето е наведено дека со олеснетите услови се опфаќаат дополнителни 6.7 илјади домаќинства.

„Кризата предизвикана од Ковид-19 ја зголеми потребата за државна помош на поединци и семејства, во форма на еднократна помош и/или континуирана социјална заштита. Државната помош во форма на картички за купување домашни производи и картички за студенти, генерално е оценета позитивно во насока на задоволување на дел од основните потреби што биле под ризик поради загубениот или намален доход. Но треба да се работи повеќе на свесноста и информираноста на населението за олеснетите критериуми за влез во системот на ГМП или за користење на надомест во случај на невработеност“, се додава во истражувањето на Институтот.

„Finance Think“ додава дека клучната меркa на Владата која е субвенција во износ од 14.500 денари по вработен за компаниите, покажа дека мерката помогнала за сочувување на околу 60 илјади работни места. Според заклучоците, овие работници без мерката веројатно би биле изгубени.

„На крајот на вториот квартал невработеноста се зголеми за само 0.5 процентни поени, т.е. од 16.2% на крајот од првиот квартал на 16.7%“ се додава во истражувањето.

Би можело да ве интересира

Левица: Додека функционерите уживаат во луксуз, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Секое трето дете во земјава живее во сиромаштија

Катерина Ѓуровски

Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца

А1он

Демократско движење: Додека Владата експериментира, сиромаштијата само расте

Горан Наумовски

Finance Think: Забавување на економската динамика во втриот квартал од 2023

Четвртина од населението во Македонија не може да си го загрее домот: Енергетската сиромаштија се зголемува

A1on