МЕПСО денеска со склучување договори со најдобрите понудувачи за изградба на два далновода почнува инвестициски циклус од 13,22 милиони евра за изградба на 122 километри нови далноводи.
Како што соопшти компанијата, шведската ЕЛ ТЕЛ Нетворк ТЕАБ во конзорциум со српската компанија „Енергомонтажа“ од Белград ќе го гради новиот 400 KВ (киловолтен) далновод од Штип до македонско српската граница. За вториот проект изведувач на реконструкцијата на 110 КВ далновод Скопје-Југохром-Тетово ќе биде конзорциумот од српските компании „Енергомонтажа“ и „Монтпроект“ од Белград.
Новиот интерконективен далновод ТС Штип-македонско-српска граница е со должина од 70 километри, ќе биде поставен на 168 челично-решеткасти столбови, со инвестициска вредност од 9,7 милиони евра. Финансиската конструкција е обезбедена од сопствени средства на МЕПСО А.Д. како и од кредитна линија од Светската банка. Рокот за изградба е 17 месеци. Овој преносен вод е од огромно стратешко и енергетско значење заради тоа што се воведува втора врска со Република Србија што значи зголемување на капацитетите за пренос на електрична енергија и зголемена доверливост на електроенергетските системи на регионално ниво;
Реконструкцијата на 110 KВ далновод Скопје-Југохром-Тетово опфаќа 180 столбови на траса долга 52 километри. Овој проект, како што наведуваат во соопштението, значајно ќе го зголеми пропусниот капацитет на далноводот со што ќе ја подобри доверливоста на системот во конзумното подрајче на Скопје и на Полог, ќе ги подобри напонските прилики и ќе ги намали загубите на преносната мрежа. Инвестициската вредност на проектот е 3,56 милиони евра и е кофинансирање од сопствени средства на МЕПСО АД и од кредитна линија од Светската банка.
Конзорциумот составен од „Енергомонтажа“ и „Монтпроект“ реконструкцијата треба да ја заврши во рок од 13 месеци.