Подигнување на свеста за важноста од родовиот баланс во енергетскиот сектор и идентификување на соодветни стратегии и програми што ќе помогнат за споделување знаења и искуства со лидерите, вработените и професионалците од енергетскиот сектор е целта на меѓународната конференција „Жени во енергетика“, што денеска се одржува во Скопје во организација на Асоцијацијата на здруженија на инженери-инженерска институција на Македонија и „ЕВН Македонија“.
Се очекува првата конференција од ваков вид во регионот, на која има повеќе од 140 учесници од четири континенти, да помогне за споделување знаење и соработка во градење врски и развој на професионални мрежи.
– Очекувам одлични предавања, добра дискусија на панелите и размена на мислења што ќе овозможат раскинување на многу табуа и надминување на секојдневните предрасуди за жените и нивното место во енергетиката, рече Христина Спасевска, професор на ФЕИТ- Скопје на отворањето на конференцијата.
Таа посочи дека како жена инженер, професор и член на професионални организиации не се почувствувала како дискриминирана, но додаде дека жените за разлика од мажите имаат разгранета животна линија во која многу побавно се стига до професионалната цел.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер посочи дека недискриминацијата и еднаквото однесување и постапување кон жените и мажите не е опција, туку е нешто што мора да се направи во сите деловни сектори.
– Ние поддржуваме средина која ги засилува и мажите и жените. Промовираме еднакви можности во нашата организација и ги поттикнуваме сите вработени, и мажи и жени, да работат најдобро што можат и да го остваруваат својот целосен потенцијал, рече Петер.
Микаела Швајцер-Блум од Амбасада на САД во Македонија, порача дека во повеќето општества жените не се доволно претставени на пазарот на трудот.
– Во рамки на енергетскиот сектор нееднаквоста на родовите е уште понагласена. Заедниците кои се бават со развој добро знаат дека инвестирањето во жените и девојчињата носи раст. Доколку 30 отсто од членовите на компаниите и нивните управни одбори се жени се зголемува нивната профитабилност, рече Швајцер-Блум.
Таа посочи дека жените во Македонија во просек се застапени со 13,5 проценти во инженерскиот кадар, што е подобро од светскиот просек од 12 проценти и додаде дека има многу можности за подобрување на оваа бројка.
– Зголемувањето на жените во енергетиката е значајна можност за подобрување на разновидноста на економијата. Жените треба да гледаат кон овој сектор како поле кад можат да ги исполната своите професионални амбиции, рече Швајцер-Блум.
На отворањето на конференцијата присуствуваше и премиерот Зоран Заев кој посочи дека жените треба да бидат дополнително мотивирани за нивна партиципација севкупно во општеството, но и во енергетиката. Тој изрази надеж дека конференцијата ќе поттикне вклучување на младите девојки во енергетиката.
– Новата реформска Влада ќе даде шанса на жените енергетичари и ќе го развиваме енергетскиот сектор, на начин што ќе целиме кон намалување на цената на електричната енергија за граѓаните и домаќинствата, успешно работење на енергетските компании и економски раст во интерес на Република Македонија. На енергетските политики на кои се обврзавме, активно работеа и жени од ФЕИТ, од ЕВН, од БЕГ, од Регулаторна комисија за енергетика, рече Заев во поздравниот говор.
Додаде дека професионализмот ги спојува сите без разлика на родовата припадност.
– Енергетиката е меѓу водечките сили на економијата во една држава. Со обезбедена енергетска сигурност и безбедност, се обезбедува сигурен раст на економијата и на општеството, рече Заев и додаде дека Владата во наредниот период ќе силно ќе се насочи кон обезбедување енергетска сигурност и независност.
Ќе ставиме, нагласи, посебен акцент на обновливите извори на енергија, ќе го зголемиме домашното производство на струја, ќе вложиме во развој на домашните енергетски капацитети и ќе изградиме нови, со цел да го намалиме скапиот увоз на струја, ќе ја вратиме евтината тарифа на струјата, ќе обезбедиме слободен пазар на електрична енергија согласно европските директиви и ќе го донесеме гасот до секое домаќинство како поевтин и еколошки енергенс.
– На овој начин ќе отвориме и нови работни места во енергетиката, потенцира Заев.