Од компанијата „Македонијалек“, која е увозник и дистрибутер на МРП вакцините, ја информираат јавноста дека по информациите кои се појавиле за можно присуство на вакцини со истечен рок, извршиле внатрешна контрола за да ги проверат наводите.
„Контролата покажа дека сите МРП вакцини од марката ‘Priorix’, кои нашата компанија ги дистрибуира, се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови има дистрибуирано вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019. При контролата, откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018“, се наведува во соопштението на компанијата, од каде се извинуваат, за како што се вели, овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани.
Додаваат и дека ваквите пакувања биле веднаш повлечени за да не создаваат понатамошни забуни во јавноста и истите ќе бидат заменети.
„Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок. Воедно ве известуваме дека горенаведената вакцина нашата компанија ја увезува од 2016 година и истата во континуитет, непрекинато се испорачува до здравствените установи со стандарден квалитет“, велат од „Македонијалек“ со напомена дека стојат на располагање за соработка со институциите за целосно расчистување на случајот.