Македонија и наредната година дел од понудата на холандскиот тур-оператор „Корендон“

Од:

 Туристите од Холандија, Белгија и Луксембург и идната година организирано ќе летуваат на охридската ривиера, преку аранжманите на холандскиот тур-оператор „Корендон“ и македонскиот партнер – агенцијата „Фибула Ер-травел“ од Скопје.

Во насока на продолжување на соработката што беше започната во 2011 година, на последната средба на хотелските работници од Охрид и Струга со раководството на „Корендон“ одржана деновиве во Анталија беа потпишани договори за закуп на легла за наредната летна туристичка сезона.

Како што беше појаснето на денешната прес-конференција, станува збор за фиксен закуп на 500 соби односно околу илјада легла, и тоа во периодот од 2 мај до 9 октомври 2014 година. За реализација на договорот холандскиот оператор ќе оперира со најмалку три чартер летови седмично, а бројот може да биде и зголемен зависно од текот на продажбата и интересот.

Договорот е вреден повеќе од два милиони евра, средства од кои дел хотелите „Десарет“,„ Метропол“, „Турист“, „Силекс“, „Инекс Горица“, „Дипломат“, „Дончо“, „Дрим“, „Београд“ и „Макпетрол“ ќе ги добијат уште во февруари идната година.

– За нас е битен моментот што 50 проценти од тие средства колегите ќе ги добијат во најтешките месеци од годината, услови кога на охридско-струшката ривиера речиси и нема гости, рече Дончо Танески, претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ). Тој нагласи дека дел од тие средства секако ќе бидат искористени за подобрување на условите на самите сместувачки капацитети и содржините што ги нудат на гостите што ќе решат идната година да летуваат во Македонија.

Менаџерот на хотелот „Силекс“ Тоше Чочороски изрази задоволство што македонските хотелиери се дел од мошне добро развиената мрежа на „Корендон“, кога станува збор за понуда на туристички производи.

– Клучен момент секако е потпишувањето на договорите за соработка. Како дестинација, ставени сме на нов предизвик, пред нас стои година за која ние сите и како хотелиери и како држава ќе треба да доработуваме во насока на подобрување на нашата понуда, што во насока на збогатување на капацитетите, што во нови елементи и содржини за туристите од Холандија, рече Чочороски.

Менаџерот на „Фибула Ер-Травел“ Асим Меѓедовиќ истакна дека потпишувањето на договорите за 2014 година се потврда дека Охрид, Струга односно Македонија за туристите од Бенелукс се уште се интересни како дестинација.

– Македонија се уште не е заситена дестинација за туристите од тие земји, меѓутоа секако е потребно збогатување на  содржините што ги нудиме како дестинација, во смисла на модернизирање на условите што ги нудат хотелските капацитети. Другиот дел е збогатување на содржините во Охрид и Струга на локално, но и на регионално ниво. Очекувам дека во иднина ќе бидат донесени решенија за повеќе содржини што ќе придонесат за поголема атрактивност на нашите аранжмани, рече Меѓедовиќ.

Во насока на збогатување на туристичката понуда, локалната самоуправа на Охрид за првпат оваа година организира т.н. „Бела ноќ“, со која и официјално ќе стартува главната летна туристичка сезона на ривиерата.

Станува збор за манифестација што ќе се одржува денеска, во која градот ќе живее 24 часа, што како концепт е прифатен во многу светски туристички центри. За гостите во Охрид наредните 24 часа се организирани концерти со настап на познати имиња од македонската естрада, 24-часовна забава во угостителските објекти, а на посебни локации занаетчиите ќе ги претставуваат своите ракотворби, како и производи карактеристични за охридскиот крај.

Охридските угостители и хотелиери ја поздравија инцијативата, како активност за подобрување на севкупната туристичка понуда, притоа нудејќи попусти на своите услуги и до 30 проценти.

– Манифестацијата е особено значајна во насока на привлекување на домашните гости, чиј  број изминатите години опаѓа, наспроти посетата на странски туристи. Се надевам дека на овој начин преку добра забава и ноќен живот ќе ги анимираме домашните гости во што поголем број да дојдат во Охрид, оцени Спасе Бабачески, од хотел „Дипломат“.

Од локалната самоуправа што е и иницијатор на „Белата ноќ“ соопштија дека од објективни причини манифестацијата се одржува на 6 јули, додека за од наредната година најавија дека ќе биде организирана на крајот од мај или на почекот од  јуни, како обид за продолжување на главната туристичка сезона.

Би можело да ве интересира

Американка која сама патува низ светот открива: „Не се чувствував безбедно во Албанија“

Предраг Петровиќ

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Дали сте спремни за продолжениот викенд?

Предраг Петровиќ

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

Англиски турист ги осквернави фреските во Помпеја: „Сакав да оставам трага од мојата посета“

Предраг Петровиќ

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ