Луѓето се најголем економски потенцијал во БиХ

Од:

Бука – Сараево

Една од клучните пречки за поголема искористеност на човечките ресурси во БиХ е неможноста за наоѓање работа, поради што многу луѓе се откажуваат од барање. Како резултат на тоа, Босна и Херцеговина има најниска стапка на учество на пазарот на трудот во Европа, со само 44 отсто работно способно население. За да се промени што  било по прашањето за вработување во БиХ прва задача секако е да се идентификуваат причините за проблемот.

Др. Вања Шушњар Чанковиќ професорка на високото училиште Бањалука Колеџ, како можни причини за неискористеноста и несоодветната развиеност на човечките потенцијали во БиХ ја идентификува корупцијата при вработување, неусогласеноста на образовниот систем со потребите на современиот пазар на трудот, одливот на мозоци, непрепознавање на неформално стекнатото искуство, обесправеност на работниците, парадоксални формални процедури на регрутирање, образование кое вработува суштина и се бави повеќе со луксузни работи, партократијата и турботајкунизмот.

Како експерт во областа на управување со човечки ресурси, доц. др. Шушњар Чанковиќ вели дека луѓето, како единствен мислечки и креативен елемент на организациите, со своето знаење, вештини, искуство, идеи, однесување и енергија, придонесуваат за успехот на своите фирми, а самиот начин на управување со оваа најзначајна организациска актива се зголемува продуктивноста и служи како лојален потенцијал за предностите на организациите. Меѓутоа, општиот амбиент и културата во транзициските услови, не го ценат знаењето, ниту го препознаваат трудот како вредност, смета таа.

– Многу повеќе се вреднуваат финансиските ресурси, лесна и брза, поточно инстант заработувачка, потоа формалните квалификации, наместо вистинското знаење и вештините на поединецот. Општеството малку инвестира во науката, истражувањето, развојот, образованието. Медиумите обилуваат со теми како штрајкови на работниците поради неисплатени плати, скратување на основните права на вработените, големата стапка на невработеност во која пропаѓа неискористено знаење и младоста… – вели доц. др. Шушњар Чанковиќ за Бука.

Меѓу многубројните проблеми во областа на вработувањето, доц. др. Шушњар Чанковиќ го издвојува вработувањето по пат на политичка припадност, непотизам или мито. Исто така истакна дека вработувањето по национален клуч често се претвора во незаконско одобрување на вработување на припадник на одреден конститутивен народ кој не ги исполнува условите за вршење на дадената дејност и тоа во јавната администрација. Потсетува и дека има случаи кога луѓето се изјаснуваат дека се од друга национална припадност само за да ја добијат одредената позиција.

Објаснувајќи ја моменталната состојба на пазарот на трудот во БиХ, доц. др. Чанковиќ вели дека – крутиот пазар на трудот е деформиран бидејќи не ја врши својата функција која се гледа во обезбедувањето на соодветната понуда и побарувачка, цените на трудот, конкуренцијата и валоризирањето на трудот како општествена вредност. Таа додава дека мобилноста и отвореноста на пазарот на трудот е ниска, како и дека се продлабочува јазот меѓу потребата на пазарот на трудот и образовните профили за чие школување се издвојуваат огромни средства од буџетот, што создава цел арсенал дефицитарни занимања и хиперпродукција на непотребни кадри.

– Во болно општество со изопачен систем на вредности кој негува живот без работа, полтронство, привилегии, корупција, нема ни етичко работење, ни работни места, ни конкурентност. Високиот удел на сивата економија и работа на црно во вкупниот општествен труд значително ги намалува легалните текови на вработувањето, како и резултатите од трудот и економските ефекти – заклучува доц. др. Шушњар Чанковиќ.

Доживотното учење е услов за опстанок

Зборувајќи за образовниот систем во БиХ во контекст на вработувањето, доц. др. Шушњар Чанковиќ вели дека тој не е усогласен со европските стандарди и со потребите на современиот пазар на трудот, а дека институциите и фирмите немаат доволно стручен персонал за работа со новите технологии. Додава дека поминале времињата кога образованието се завршуваше со излегување од училишните клупи.

– Тие кои не се подготвени на доживотно учење и усовршување набрзо ќе се соочат со фактот дека нивните знаења и способности се застарени и дека не одговараат на времето во кое живеат. Ниту една сериозна организација нема да трпи таков товар, бидејќи без единствени вештини стануваме целосно заменливи и како што велат најпознатите шведски академици – се наоѓаме во директна конкуренција со над две милијарди Кинези и Индијци.

Доц. др. Шушњар Чанковиќ предупредува дека доживотното образование е услов за опстанок во струката. Поради тоа истакнува дека младите луѓе мора постојано да работат на доквалификација и совладување на други вештини. Една од причините за високата стапка на невработеност во БиХ, потенцира таа, е токму недостигот на работна сила со одредени вештини.

– Во БиХ има ококу 40.000 високо образовани луѓе без работа, меѓу кои се магистри и доктори на науки. Истовремено, не смееме да заборавиме дека во БиХ е спорна не само функционалната, туку и елементарната писменост на голем број на населението. Значи, системот на доживотно учење е од круцијално значење за континуирано прилагодување на базата на човечките ресурси на потребите на пазарот на трудот – заклучува доц. др. Шушњар Чанковиќ.

Во медиумите во БиХ секојдневно можат да се видат огласи за работни места во странство, во земји како што се Норвешка или Германија, кои имаат недостиг од стручен кадар во одредени области. Покрај информатичари, најголем одлив на високо образован кадар постои во здравството. На пример, РС за три години ја напуштија над 340 лекари и специјалисти. Либерализацијата на визниот режим за граѓаните на БиХ се заканува со забрзано и масовно заминување на младите и образованите во земјите на Европската унија.

– Одливот на мозоци ја исцрпува базата на квалификувани човечки потенцијали на земјата и пазарот на трудот го става пред уште еден предизвик. Тоа е сериозна причина за загриженост, посебно ако се земе предвид дека ништо подобра состојбата не е ни со способноста на земјата да ги привлече талентите – вели доц. др. Шушњар Чанковиќ.
Таа потенцира дека нашиот образовен систем мора да биде усогласен со реалните и актуелните потреби на нашиот многу мал пазар. Меѓутоа, државата од година во година финансира ист број на студенти на сите факултети, не правејќи разлика меѓу дефицитарните и суфицитарните занимања.

Многу работодавци веднаш сакаат комплетен работник

Таа додава дека и самите фирми можат да имаат важна улога во борба против недостиг на одредени вештини, така што би почнале да применуваат корективни образовни програми и да ја поддржат обуката и доживотното учење, да ги обезбедуваат самите или да ги стипендираат своите вработени за да стекнат неопходни знаења со формално образование.

Во врска со тоа, доц. др. Шушњар Чанковиќ наведе позитивни примери како иницијативата на Фабриката за чевли Бема, која со Универзитетот во Бањалука осмисли една цела студиска програма за школување на своите работници. Се работи за Технолошкиот факултет и насока на чевларската технологија.

Покрај многубројните реформи на образованието се уште има многу пропусти, од кои доц. др. Шушњар Чанковиќ како најважен го издвојува недостигот на пракса. Поради ограниченото работно искуство, на младите им е уште потешко да најдат вработување. Од причина што често се подготвени да прифатат привремени аранжмани со цел да почнат нешто во животот, младите често се наоѓаат на сивиот пазар кој нуди многу малку или никаква обука. Општото мислење е дека пристапот на првата работа зависи од тоа дали сте внатре, а истражувањето ги наведуваат корупцијата и непотизмот како главни пречки кај вработувањето на младите. Во тој контекст, многу млади луѓе чувствуваат дека немаат иднина и само еден од осум млади на возраст од 16 до 24 години има работа во споредба со еден од тројца млади во Европската унија.

– Современото образование треба да ги подготвува младите луѓе и за живот и за работа, што најчесто не е случај. Многу работодавци веднаш сакаат комплетен работник, не се подготвени да го вработат, обучуваат, да инвестираат во неговиот развој, што е бесмислено. Исто така, има многу млади луѓе кои имаат одредено искуство стекнато со долгогодишно волонтирање во невладиниот сектор или во хуманитарни организации, но тоа локалните работодавци не го признаваат бидејќи не е формално – вели доц. др. Шушњар Чанковиќ.

Таа додава дека постојат и сериозни работодавци кои и тоа како ги ценат неформалните знаења и праксата стекната со волонтирање, но дека такви се многу малку. Изразува надеж дека ќе има повеќе работодавци кои ќе вработуваат врз основ на тоа што навистина го знаете и колку сте волни да работите, бидејќи се оддава впечаток дека сега најмалку конкурираме со нашите вистински квалификации, а вработувањето и задржувањето на некомпетентни луѓе не е љубезност, туку пред се суровост и за тој кандидат и за сите други на кои местото им е земено, суровост и по работодавецот но и за општеството во целина.

Експертот за пазар на трудот, Мирослав Вукајловиќ, директор на Агенцијата за вработување Спектар, накусо ги сумира клучните проблеми за вработувањето во Република Српска и БиХ: – Пазарот на трудот е нефункционален и не дава еднаква шанса на учесниците, туку привилегира одредени групи и поединци. Имаме ниско ниво на инвестиции, како странски така и домашни. Стопанството ни е неконкурентно, дури и во однос на стопанствата во соседството. Имаме долго време висок степен на невработеност, т.е. мала вработеност. Уделот на црниот пазар е огромен и го оневозможува развојот. Мобилност на работната сила практично до сега не постоеше. Се продолжува процесот на одлив на квалитетна работна сила од РС и БиХ, а тој тренд посебно зема замав во последните години.

Потребен е нов пристап на проблемот

Централниот проблем, според мислењето на Вукајловиќ, е нејасната одговорност за пазарот на трудот, со кој до сега никој сериозно не се бавел на просторите на РС и БиХ. Тој смета дека треба да се промени целиот пристап кон оваа проблематика.

– За почеток, тие на кои им е доделена одговорност и кои според тој основ имаат најголема одговорност и моќ, треба да почнат со барање на решение – вели Вукајловиќ за Бука.

Иако состојбата се чини прилично безнадежна, Вукајловиќ смета дека БиХ своите слабости може до некаде да ги претвори во предност, во смисла дека посериозните држави не можат така лесно да имплементираат одредени решенија поради низа ограничувања.

– Ако би постоела искрена желба за барање на решение, подготвеноста на макотрпна работа со големи откажувања, можат да креираат решенија кои во релативно кус временски рок можат да донесат радикално подобра состојба за сите учесници на пазарот на трудот, пред се за невработените – смета Вукајловиќ.

Причината за оптимизам е во исчекорот кој се случи при неодамнешната посета на БиХ на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија Федерика Моњерини. По таа прилика, таа најави дека во март на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе даде препорака, во Босна и Херцеговина да стапи на сила Договорот за стабилизација и приклучување, откако двата дома на Парламентарното собрание во БиХ ја потврдија декларацијата на Претседателството на БиХ за европска определеност на државата.

Тоа треба да покрене реализација на реформите кои трпеа поради политичкиот застој, посебно во областа на економско-социјалната сфера во согласност со претходниот Договор за раст и вработување.

Според Договорот за раст и вработување, Босна и Херцеговина треба да усвои пакет реформи на пазарот на трудот за да се зголеми создавањето на нови работни места, вклучувајќи ја и ревитализацијата на просекот на колективното преговарање, да се намали дестимулацијата кај вработувањето и посебно да се промовира вклучување на младата популација во работната сила.

– Реформите мора да се покренат, за БиХ да има перспектива за подобра иднина. Причината за реформите не се никакви барања од Брисел, туку 60 отсто млади кои се невработени, поради кои мора да се реши тоа прашање и да се спроведат реформи – истакна по таа прилика Високата европска пратеничка за надворешна и безбедносна политика.

Би можело да ве интересира

Петмина Украинци уапсени за киднапирање на сириски државјанин во Сараево

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Земјотрес во БиХ, епицентарот во околината на Мостар: „Добро се стресе!“

Извлечени тела на жена и дете од коритото на Миљацка во Сараево

Горан Наумовски

Брисел и даде „зелено светло“ на БиХ за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ

Горан Наумовски

По Црна Гора, земјотресот ја погоди и Босна и Херцеговина