Нова дополнителна субвенција од два денара за килограм предадено грозје во рeгистрирани винарници ќе добијат лозарите, одлучи Владата на вчерашната седница.
Освен што е двојно зголемена од лани кога беше еден денар, субвенцијата се однесува и на повеќе сорти, не само за винските „вранец“ и „смедеревка“. Опфатени ќе бидат и „кратошија“, „станушина“, „бургундец црн“, „жилавка“ и „кадарка“ од реколтата 2019.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, со дополнителната субвенција од два денара, се очекува да се намалат загубите на производителите на винско грозје.
– Измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година, односно моделот за оваа дополнителна субвенција е донесен по повеќето разговори и консултации со производителите на грозје, но и поради проблемите што тие ги имаа со цената и сушата која го намали приносот, информира Министерството.
На вчерашната владина седница се усвоија и измените на Уредбата за поблиски критериуми за директни плаќања, со кои се продолжува рокот за поднесување барања за субвенции за произведено и продадено кравјо, козјо и овчо млеко, како и за амортизирани несилки заклани во регистрирани кланични капацитети. Наместо до 5 ноемрви, сточарите за овие мерки ќе можат да конкурираат до 22 ноември 2019 година. Роковите се продолжуваат поради неможноста земјоделските стопанства да ги остварат своите права за финансиска поддршка.