Владата во Лондон испрати еден милион евра готови пари на Кипар, како мерка која би требало да им помогне на припадниците на британските воени сили, стационирани на островот, да не останат без пари поради тамошната финансиска криза.
Според претставник на британското Министерство за одбрана, парите се „итен заем“ за војниците, офицерите и нивните семејства, во случај локалните банки да ги затворат шалтерите, а од банкарските автомати да не може повеќе да се извлекуваат пари, поради кипарската криза која се заканува со целосен банкрот на оваа медитеранска држава.
Итната пратка со готови пари беше испратена со специјален авион на британското кралско воено воздухопловство (РАФ) и таа веќе се наоѓа во британската база во Акротини.
Ескалација на кипарската финансиска криза настана откако тамошните пратеници го одбија пакетот помош од ЕУ и ММФ, од 10 милијарди евра, затоа што се бара вонредно оданочување на штедните влогови и депозитите на луѓето, во кипарските банки. Сите депозити над 20 илјади евра треба да бидат оданочени 6,75 отсто, додека за оние над 100 илјади евра данокот изнесува 9,9 отсто.
На Кипар има три илјади британски војници, а таму постојано живеат околу 25 илјади Британци.