Кубанската влада и руската државна компанија „Росњефт“ подолго време преговараат за заедничка експлоатација на кубанската нафта.
Кубанскиот министер за енергија и рударство Рубен Сид разговараше во Москва со водството на „Росњефт“ за вклучување на оваа компанија во истражувањето и експлоатацијата на нафта од морското дно,во крајбрежниот појас на Куба.
Од кубанска страна,во заединичкиот бизнис треба да учествува локалната државна нафтена компанија. Кубанскиот министер Сид изјави дека двете страни имаат потпишано меморандум за разбирање, што претходно беше направен во Сенкт Петерсбург,како и дека преговорите продолжуваат. Резервите на Куба се проценуваат меѓу четири и 20 милијарди барели сурова нафта,иако американското Геолошко друштво тврди дека кубанските резерви се многу помали.
Експерти во нафтениот бизнис,сепак, проценуваат дека колку и да изнесуваат кубанските резерви од сурова нафта,станува збор за мошне исплатлива зделка,која и на кубанската економија,како и на „Росњеф“ ќе им носи високи приходи. Според кубанскиот министер за енергија и рударство,експлоатацијата на нафта од големи длабочини,какво што е црпењето на нафта покрај брегот на Куба,е прилично скапо,па властите во Хавана настојуваат низ заедничко влажување, да обезбедат партнери за својата нафтена индустрија.
Од порано,Куба има обезбедно соработка во овој бизнис со Венецуела и со Ангола. Карибскиот остров е нов во нафтената индустрија,откако од пред десетина години беше откриена нафта на морското дно.Засега Куба извлекува нафта од само четири нафтоносни извори. Вклучувањето на руската „Росњефт“ во амбициите на Куба да станат производител и подоцна и извозник на нафта,значи враќање на Русија во Куба и во регионот на Карибите.
Тоа во кубанското соседство,а посебно во САД се следи мошне внимателно,со оглед на големата близина на локацијата каде се вади нафта до американскиот брег,но повеќе поради силните кубанско-советски односи во минатото,во економијата и во политиката,а особено во воениот сектор.