Состојбата со вода во сите акумулации е стабилна, нема проблеми во процесот на производство со електрична енергија, ниту во снабдувањето со вода за пиење ниту по животинскит свет во акумулациите, изјави генералниот директор на акционерското друштво „Електрани на Северна Македонија“ Васко Ковачевски.
Ковачевски денеска заедно со претставници на раководството на компанијата беше во обиколка на акумулацијата „Шпилје“ кај Дебар, во насока на активностите што ги презема „ЕСМ“ согласно мерките и препораките што ги наложи Владата и прогласената вонредна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, со дополнителни активности што ги спроведува самата компанија за зачувување на здравјето на вработените.
– Нивото на сите акумулации каде што АД „Електрани на Северна Македонија“ има капацитети за производство на електрична енергија расте. Исто е и со природните езера од чии испусти се користи водата за акумулација. Сите езера моментално се на повисока точка од минималните, спротивно на одредени изјави што ја вознемируваа јавноста за критично ниво на езерата, рече тој.
Нивото на Мавровското езеро е зголемено за 85 сантиметри, на Дебарското за 1,5 метри, Охридското Езеро за 15 сантиметри, Тиквешкото за над еден метар, Козјак над два метри, единствено на Глобочица има флуктуации зависно испустот предвиден за производство.
– Сметам дека намерно се создаваше паника и лажна слика за акумулациите иако слична дури и полоша ситуација е забележана изминатите десеттина години…Ние секако континуирано ја следиме состојба и произведуваме помалку струја од хидропотенцијалите. Моментално сме на 70 проценти од хидроакумулациите пред се заради одговорност кон природните ресурси во сите сфери, не само за производството на електрична енергија, рече Ковачески.
Директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“ упати забелешки до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека со лажни информации создава паника кај населението за наводно критично ниво на акумулациите, со алармантни информации дека истите се под биолошкиот минимум.
Ковачевски нагласи дека АД „Електрани на Северна Македонија“ моментално и во периодите на неповолна хидролошка состојба, секогаш се води сметка за ресурсите и за животинскиот свет, особено во езерата како Охридското чија вода се користи за надополнување на акумулациите на Глобочица и Дебарско езеро.
– Бројките покажуваат дека и сега и во сушните периоди во минатото се користи само мимимум од потребните количества вода за производство на електрична енергија. Остатокот го надполнуваме со другите наши производствени капацитети. Сите институции и релевантни фактори во државата, вклучително и нашата компанија одговорно се однесуваат кон природните ресурси и се водат сметка за заштита на животната средина, рече Ковачески.