Конференција на македонскиот пазар за хартии од вредност

Од:

Состојбата на македонскиот пазар на хартии од вредност,  идните развојни правци и  влијанието на одредени случувања на странските пазари на хартии од вредност и нивните рефлексии во РМ, сe темите на кои дебатираат учесниците на Конференцијата на македонскиот пазар на хартии од вредност, што се одржува денеска во Скопје.

– Новиот бран вложувања од страна на домашните и странските инвеститори во Република Македонија очекуваме да даде позитивен импулс на пазартот на хартии од вредност и да создаде критична маса на потенцијални инвеститори кои врз основа на аналитичен пристап и информации ќе носат одлуки за мудро инвестирање на своите средства, рече во обраќањето претседателката на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингаровска.

Неопходно е, смета таа, да се комуницира повеќе со корпоративниот сектор, бидејќи во Македонија има компании со надежни проекти и бизнис планови и само треба да се најде начин да се следат.

Чингаровска информира дека минатата година 60 проценти од друштвата од стопанството што објавиле годишни финансиски извештаи оствариле оперативна добивка, но оти има и компании кои кумулираат загуби подолг период и им се подјадува капиталот.

– Минатата година од вкупниот промет реализиран на Македонска берза, дури 88 проценти отпаѓаат на купувања направени од страна на домашни физички  и правни лица. Во 2013 година година, нема ниту една јавна емисија на хартии од вредност што покажуа дека компаниите се уште не го користат пазарот на капитал како извор на финансирање на своите проекти, посочи Чингаровска.

Ако гледаме  по бројките на странските инвестиции и приливот на капитал, додаде, верувам дека спојувањето на пазарите во регионот сигурно ќе придонесе за привлекување повеќе капитал, а финансирањето преку пазарот на хартии од вредност е опција до која ќе стасаме преку јакнење на корпоративната свест.

Директорот на Македонската берза а.д Скопје Иван Штериев, претставувајќи го реализираното од идејата  за регионално берзанско поврзување информира дека берзите од Скопје, Загреб и Софија неодамна  формираа заедничка компанија, со седиште во Македонија.

Компанијата, најави Штериев, во многу блиска иднина треба да потпише договор за грант со ЕБОР за финансирање развој на софтверска апликација, што ќе им овозможи на брокерите во Хрватска, Бугарија и Македонија на едноставен начин да тргуваат со хартиите од вредност што котираат на трите берзи.

– Максимално ќе се заложиме овој проект успешно да заврши и да се имплементира, со што ќе се создаде функцонален нуклеус кон кој, се надеваме, ќе се придружат и други регионални партнери, наведе Штериев.

Според него, на заживувањето на пазариот на хартии од вредност не може да се влијае парцијално, односно мора истовремено да се случи комбинација од повеќе фактори што ќе придонесат за надминување на постојните проблеми и предизвици.

Во периодот од 2008 до 2013 година, како што информира Штериев, главниот берзански индекс МБИ 10,  четири години бележи пад, а само два пати пораст – еднаш во 2009 година со позначајни 31,3 проценти и минатата година со 0,44 проценти.

– Во првите четири месеци од годинава, индексот, во три, освен во февруари, одше надолу. Првата половина на мај е поветувачка, со добар ценовен пораст и заклучно со вчера МБИ 10 на годишно ниво е во плус од околу 2,25  проценти. Искажано преку апсолутната вредност на индексот, МБИ 10 на крајот на 2008 година ознесувал 2.096, а на крајот на вчерашниот ден 1.778 поени.

Најновите макроекономски проекции на НБРМ, како и амбиентот на монетарната политика, во контекс на  условите на натамошниот развој на пазарот на хартии од вредност пред учесниците на конференцијата ги претстави  гувернерот на НБРМ Димитар Богов.  Во 2014 година, НБРМ очекува  умерено забрзување на растот  на домашната економија од 3,7 проценти, главно воден  од домашната побарувачка при што движењето во  првиот квартал се во согласнот  со очекувањата.

– Движењата на инфлацијата се очекува да  биде главно под влијание на светските цени на  основните производи, со оценети надолни ризици, при што во рамки на нашата најнова проекција, очекуваната стапка на инфлација  за 2014 година ја ревидравме надолу на околу 1 процент.  Во надворешниот сектор се очекуваат релативно поволни движења и умерен дефицит на тековната сметка. Натамошните приливи на директни странски инвестиции создаваат основа за дополнително  подобрување во структурата на извозот  и зајакнување на надворешната позиција на долг рок. Очекуваниот раст на депозитите кај банките, заедно со очекуваните  ефекти од веќе преземените мерки, би обезбедиле натамошен раст на кредитирањето преку банкарскиот сектор, рече Богов. 

Би можело да ве интересира

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

Надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра во последните три месеци од 2023 година

Орце Костов

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јануари зголемена, кај депозитите намалување на месечно ниво