Сите компании кои аплицирале за кредитната линија Ковид 1, ги исполниле условите но не добиле бескаматен кредит, треба да се подготват за аплицирање на втората линија, Ковид 2, рече директорот на Развојната банка на Македонија Кире Наумов. За кредитната линија Ковид 1 беа обезбедени 5,7 милиони евра, но директорот Наумов вели дека компаниите покажале интерес кој ја надминал оваа сума. Со Ковид 2 линијата се обезбедени 8 милини евра, пари за кои може аплицираат компании од сите дејности.
„ Сакам да упатам една порака до компаниите кои аплицираа за Ковид 1, а не беа во листата на дејност за кој што се однесуваше овој јавен повик, да ја искористат оваа шанса и да аплицираат за Ковид 2. Компаниите кои аплицирале последнава недела или последниве десетина дена за Ковид 1, исто така да се подготват и да аплицираат за новата линија бидејќи најверојатно, по принципот прв дојден прв услужен, ќе недостасуваат средства за нив“, рече директорот Наумов.
Линијата Ковид 1 беше наменета за најпогодените сектори односно компании кои се занимаваат со туризам, угостителство и транспорт.
„Побарувачката за првата кредитна линија го надминува скоро двојно буџетот со кој што располагаме. Особено ми е драго што најголема корист од оваа кредитна линија досега имаа убедливо микро компаниите. До минатата недела на Владата беа одобрени кредитни барања во износ од 2,2 милиони евра, а во текот на денешниот ден или утре имаме нова група барања која ќе ја доставиме до Владата, компании кои ги исполнуваат условите во износ од нови 2,2 милиони евра. Кога тоа ќе биде одобрено вкупно би имале 583 компании со над 5000 вработени во износ од 4,4 милиони евра досега“, рече директорот Наумов.
Максималниот износ на кредитот што може да го побараат компаниите е 90 илјади евра, а минималниот изнесува три илјади евра. Каматната стапка е нула, не се плаќаат ниту трошоци за аплицирање, а предвиден е и грејс период за враќање на кредитот од 12 месеци. Повикот е објавен, а целата постапка ќе се одвива електронски.