Агенцијата за катастар на недвижности доби над 2 милиона турски тапии од Турскиот катастар за имотите во Македонија за периодот од 1847 до 1912 година. Досега се преведени 1.100 тапии, а очекувањата се да се дојде до податоци од историска важност, но и податоци кои би користеле во постапки за денационализација или докажување сопственост пред суд.
– Тие се историски податоци, со историска важност, а за граѓаните секако може да бидат од полза во постапките за денационализација, а исто така и во докажување определени сопствености пред надлежни судови. Директно впишување на тапиите во денешниот систем на Катастарот е невозможно, изјави денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.
Тапиите од времето на Османлиската империја, укажа, се пандан на денешните имотни листови.
За добивање на тапиите издавани од Османлиската империја на македонска територија од 1847 до 1912 година Агенцијата за катастар на недвижности во 2012 година склучи меморандум за соработка со Турскиот катастар.
– Годинава тоа се случи и над два милиони турски тапии преку МНР на Турција и нашето МНР пристигнаа во Катастарот. Тие се напишани на османлиски турски, а во РМ има само тројца-четворица што го разбираат тој јазик. Почнавме со превод на тапиите со тие луѓе, а во тој контекст за поздравување е одлуката на Владата на РМ да се испратат студенти за изучување на овој јазик затоа што Македонија има историја од 500 години под Турција. Треба што повеќе студенти да го знаат овој јазик со цел да се прочита таа историја. Покрај она што го знаеме верувам дека ќе откриеме многу работи, рече Трпески.