Директорката на Агенцијата за вработувањее, Билјана Јовановска, на денешната прес-конференцијата одговарајќи на новинарско прашање потврди дека се согласува со ставот на Светска банка дека дел од македонското население ниту сака да работи, ниту пак бара работа.
Таа истакна дека голем дел од лицата кои се пријавени како невработени, не доаѓаат на интервју за работа кога ќе бидат повикани од страна на Агенцијата за вработување или работодавачот.
Јовановска информираше дека моментално во државата бројката на невработени лица изнесува околу 190 илјади.
„Ние се соочуваме со проблем кога работодавач бара работна сила, имаме ситуација кога поканетите лица кои се пријавени како невработени не доаѓаат на интервју во Агенцијата за вработување, бидејќи истото не е задолжително, односно не се обврзани со Закон да доаѓаат. Од сите невработени кои се повикани, доаѓаат само 30%, од кои пак половина одат на интервју кај работодавецот, а и оние кои ќе отидат на интервјуто, не ги прифаќаат условите, односно не им одговара позицијата, смената, платата и така натаму“, вели Јовановска.
Таа исто така истакна дека Агенцијата за вработување се соочува со проблемот на недоверба на барателите на работа бидејќи работодавачите кои со Закон се обврзани да пуштат оглас, однапред имаат најдено лице за позицијата, а откако оние кои бараат работа ќе ги контактираат, тие велат дека работното место е пополнето.
„Работиме на тој проблем да се создаде една доверба помеѓу сите учесници во процесот на вработување во кои сите треба да бидат искрени, и ние како Агенција и работодавачите и барателите на работа, дека навистина сакаат да се вработат“, рече Јовановска.
На денешната прес-конференција директорката на Агенцијата за вработување истакна дека планот за самовработување за 2018-та година поминал успешно, односно дека со мерките се вработни околу 6500 лица од кои 53% се млади до 29 години.
Таа истакна дека програмата продолжува и оваа година со зголемен буџет од 1, 1 милијарда денари со што се очекува и пораст на вработени лица до 8.500.
Виктор Јованов