Измина рокот до кој „Архиродон“ требаше да одлучи дали ќе ја гради ПАХЕ „Чебрен“

Од:

Измина рокот до кој грчката компанија „Архиродон“ требаше да донесе одлука дали ќе ја продолжи постапката за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“ или не. ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот.

Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 31 декември 2023 година заради жалбената постапка која беше во тек.

-Од грчката компанија Архиродон се жалеа на содржината на одлуката, бидејќи согласно Законот за води, прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија. Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму, појасни неодамна ресорната министерка Каја Шукова.

Во случајов, додаде, Законот за води е „легс специјалис“ во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии.

-Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција од 1,4 милиони евра е до крајот на 2023 година и ако ја продолжат ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот, истакна Шукова.

И премиерот Димитар Ковачевски неодамна порача дека на грчката компанија Архиродон, која е добитникот на тендерот за изградба на хидроцентралата Чебрен, е да одлучи дали ќе продолжи во постапката или не.

Владата на 14 септември на 185-тата седница донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро. По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае седум години.

Според Извештајот на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на предметната концесија, понудувачот ППЦ-Архиродон е избрана за најповолна, со оглед на тоа што понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда.

-Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата, посочија тогаш од Владата.

Според тендерот, обврска на инвеститорот е целосно да ја финансира и реализира изградбата на ПАХЕ „Чебрен“ и „Орлов камен“, додека АД ЕСМ како партнер со задолжение од Владата ќе учествува со изградба на пристапен пат, изградба на приклучок на мрежа, експропријација на земјиште и студија за животна средина, како и со вложување на ХЕЦ „Тиквеш“ во заедничката компанија.

Градежните работи требаше да почнат по завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено беше изградбата да трае седум години, а концесијата за води е со рок од 60 години.

Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години, а последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.

Би можело да ве интересира

Мециновиќ: Мицкоски излажа за Чебрен и продолжува со приватните интереси

Мицкоски на средба со Гренел: САД би можел да инвестира во „Чебрен“

Шукова: Во подготовка е одлуката за поништувањето на постапката за Чебрен

Предраг Петровиќ

Бесими: Не е реално да се очекува нов тендер за Чебрен пред избори

A1on

Чебрен пропадна: Грчката компанија не можела да подигне кредит од банка за да гради

A1on

Шукова: Тендерот за ХЕЦ Чебрен пропадна