Министерството за транспорт и врски, водејќи се од транспарентноста во процесот при подготовка на законските и подзаконските акти и имајќи ја предвид енергетската криза, пристапи кон измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање во насока на овозможување реализација на фотонапонски електроцентрали во планови со исклучиво уредена намена од групата на класи на намени „Г”.
Со оваа измена, како што информира, се доуредуваат постапките за поставување фотоволтаици за искористување на сончевата енергија како најевтин енергетски ресурс и како еколошки најисправен начин на производство на енергија.
-Исто така, водејќи се од широката јавна расправа и вклучување на стручната јавност, граѓанскиот сектор и сите други заинтересирани страни, Министерството за транспорт и врски направи усогласување на членовите 117 и 122 во Правилникот за урбанистичко планирање во кој се брише терминот стекнати права за градење. Со измените уредуваме дека при изработка на нов урбанистички план планските одредби се усогласуваат со одредбите од правилникот и со планот од повисоко ниво. Исто така со измените на Правилникот се уредува начин доколку се утврди дека максималната висина и другите параметри што ја уредуваат големината и функционалниот капацитет на градбите утврдени во важечкиот урбанистички план ги надминуваат просторните можности за развој на конкретното или на друг начин се нарушува јавниот интерес, тогаш истите можат да се изменат со нов урбанистички план, наведува Министерството.
Владата и Министерството за транспорт и врски, стои во соопштението, се силно посветени на поедноставување на сите постапки за да се намали влијанието на енергетската криза и да се заштити животниот стандард на граѓаните, а притоа да не се влијае врз загадување на животната средина.