За светскиот туризам 2020 година е најлошата година во историјата со пад на меѓународните туристички пристигнувања за 74 проценти или околу милијарда помалку отколку во 2019 година, а континуираните ограничувања на патувањето и другите антипандемиски мерки исто така ги намалуваат очекувањата за закрепнување во 2021 година, соопшти Светската туристичка организација при ОН (СТООН).
Ваквиот пад на светскиот туризам е директен резултат на невидениот пад на туристичката побарувачка и ограничувања на патувањето низ целиот свет поради пандемијата на коронавирус, посочува СТООН врз основа на податоците од светот сумирани во новото издание на нивниот Светски туристички барометар.
– Колапсот на меѓународните патувања во 2020 година, исто така, претставува проценета загуба на извозни приходи од туризам од околу 1.300 милијарди американски долари, што е повеќе од 11 пати повеќе од загубата за време на глобалната економска криза од 2009 година. Пандемиската криза директно загрози помеѓу 100 и 120 милиони работни места во туризмот, од кои многу се во мали и средни претпријатија, соопшти СТООН.
Организацијата очекува дека постепеното воведување на вакцината против вирусот ќе помогне во враќањето на довербата на потрошувачите, ќе помогне во олеснување на ограничувањата на патувањето и полека ќе се нормализираат патувањата во 2021 година.
Речиси 50 проценти од анкетираните експерти очекуваат „некое“ закрепнување дури во 2022 година, додека во октомри таа ценеа 21 процент од испитаните експерти. Останатите половина сè уште гледаат можности во 2021 година, што е исто така помалку од скоро 80 проценти кои во октомври 2020 година веруваа во закрепнување во 2021 година, за која сега предвидуваат зголемување на домашниот туризам и побарувачката за активности на отворено и во природа.
Што се однесува на враќање на предпандемиското ниво, 43 проценти веруваат дека тоа нема да се случи пред 2023 година, 41 процент сметаат дека тоа ќе биде до 2024 година, а само 15 отсто веруваат во опоравување во 2022 година.