Од почетокот на овој месец започна пријавувањето на сточарите за субвенции по литар продадени млеко, кое ќе трае до крајот на овој месец, а за литар млеко сточарите ќе добијат по 3,5 денари.
– Барањата се поднесуваат во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделското производство во Кочани, а потоа од таму ќе бидат обработени во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и вдоостопанство, изјави Влатко Минов, раководител на Подрачната единица во Кочани.
Според него, се очекува 500 сточари да поднесат барање за субвенции по литар продадено млеко. – Се работи за продадено млеко во текот на месеците октомври, ноември и декември, во рамките на проектот Прва фаза за млекопроизводство 2013, истакна Минов.
Истовремено во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кочани трае и пријавувањето од страна на земјоделците за осигурување на земјоделските култури, за кој интересот годинава е мошне голем, во споредба со предходните неколку години.
Ова, истакнува Минов е од едноставна причина што земјоделците поучени од елементарните непогоди кои го зафатија подрачјето започнаа да ги осигуруваат земјоделските култури.
– Државата субвенционира 60 проценти од парите за осигурување. Земјоделците најпрвин доаѓаат во просторите на Подрачната единица по соодветната потврда па потоа одат во осигурителните компании каде што прават полиса и повторно се враќаат кај нас и поднесуваат барање за субвенционирање, појасни Минов.