Инспекторите излегоа на терен, проверуваат дали бензинските пумпи намерно не даваат гориво

Од:

Пазарните инспектори влегоа во сите компании, за кои граѓаните тврдат дека одбивале да точат гориво колку што побарале. Се проверува дали тие имаат нафтени резерви за пет дена, како што наложува законот. Акцијата не е направена по барање на Регулаторна комисија и претседателот Марко Бислимовски, туку е иницијатива на инспекцијата. Последен пат Регулаторна барала инспекцијата да ги провери овие резерви во декември минатата година.

По паниката минатата недела, првиот човек на Регулаторна, Бислимовски во петокот немаше информации каква е состојбата со резервните залихи. Иако тие имаат механизам да побараат контрола, но и да одземат лиценца ако нема доволно залихи – тоа го немаа направено.

Анета Симеска Димоска, директорка на Пазарната инспекција посочи дека пред една седмица оперативни резерви имало кај скоро сите трговци. Но, според неа состојбата се менува од час во час. Затоа, по паниката дека ќе снема гориво, Симеска Димоска повторно испрати инспектори на терен.

„Пред десетина дена, можеби и минатата недела, петокот, ги контролиравме оперативните резерви поради тоа што имавме навестување дека ќе има ваква енергетска криза. Ги контролиравме нафтените резерви. Утврдивме дека во најголем дел, трговците на големо имаат оперативни резерви. Таму каде што немаа, другиот ден треба да имаат увоз. Тоа се менува во час, бидејќи се источува гориво, па се дополнува. Проверуваме секогаш кога ќе сметаме дека има потреба, но и по барање на Регулаторна, во декември последно ги имавме сите извештаи доставено до Регулаторна комисија. Мислам дека во две компании, тогаш немаше оперативни резерви. Доставивме таква информација до Регулаторна. Мислам дека кај двете побараа да се исконтролира и ги исполнија обврските“, вели Симеска Димоска за „А1он“.

За минатата недела, немале добиено барање од Регулаторна да се исконтролираат резервите, туку само надзор кај бензиските станици за кои имало информации дека не точеле гориво колку што им било барано туку со ограничувања.

„ Немаше барање во делот на оперативните. Тие бараа во текот на минатата година, инцидентно за одредени компании. Секако, ние имаме законска обврска и без да побараат, ние да провериме. Тоа е наша надлежност. Како што кажав, минатата недела проверувавме, беше побарано од Владата за да се види дали има доволно нафтени деривати. Дадовме извештај дека има оперативни резерви. Сега е друга ситуација, од една страна мора да ги држиме да имаат оперативни резерви, од друга страна не смеат да не дозволат да има точење на гориво. Треба да ги сфатиме и трговците“ додава директорката на Пазарна инспекција.

Симеска Димоска, додава дека сега настанала ситуација на непланирана потрошувачка.

„Тие не можат ниту да ја покријат. Излезени се инспекторите на терен за да проверат дали тие што не даваат гориво имаат залиха и намерно не даваат или навистина немаат. Ќе ги мериме и залихите во пумпите“, додава таа.

Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски преку медиуми ги уверуваше граѓаните дека има доволно резерви гориво, но не знаеше каква е состојбата во изминатите денови со резервите што компаниите задолжително мора да ги поседуваат. Бислимоски се прогласи за ненадлежен како оправдување зошто нема информации за резервите, а прстот го впери во Пазарната инспекција, која е задолжена да ги контролира.

Би можело да ве интересира

Нови цени на горивата

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Горан Наумовски

Поевтинува дизелот, цените на бензините не се менуваат

Скок на цените на горивата

Катерина Ѓуровски

Нови цени на горивата

Поскапуваат горивата од полноќ

Орце Костов