Хотелите Славија и Попова Шапка информираат дека ги прилагодија цените и аранжманите согласно барањата на граѓаните за користење на ваучерите за летување доделени од државата со проектот „Дома си е дома”.
Двата хотела во ски-центарот Попова Шапка, кои се во сопственост на АД ЕСМ, а со кои стопанисува „Елемтурс“, обезбедија попусти за летниот период и нудат аранжмани од 4 и 5 полни пансиони за летување на планина.
– Хотелите „Попова Шапка“ и „Славија“ работат според сите протоколи донесени од надлежните државни органи, кои обезбедуваат сигурност за гостите и персоналот, наведуваат од АД ЕСМ.
Истовремено, оттаму информираат дека се вршат подготовки и за следната зимска сезона во ски-центарот, каде од почетокот на оваа година во функција е и новата шестоседа жичара, со која стопанисува Елемтурс.