Владата до Собранието доставила предлози за измени на законите за спорт и за данок на добивка во кои се вградени дел од забелешките изнесени на јавните дебати што ги организираше Агенцијата за млади и спорт. Една од измените се однесува на процентот од данокот на добивка што ќе може да се инвестира во спортот.
ВМРО-ДПМНЕ неодамна објави сет мерки за спортот, што ќе бидат реализирани пред и по изборите. Дел од овие мерки се и измените вградени во овие законски текстови.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска изјави дека една од мерките што била прифатена и поминала на седница на Влада е мерката со која процентите од данокот на добивка што ќе може да се инвестира во спортот, а за тој износ да се намали износот на данок на добивка на компанијата, се зголемија од првично најавените на прес-конференцијата.
– Според најновата верзија која што вчера помина на Влада ќе имаме 35 проценти од данокот на добивка да може да оди на спорт, за сите различни спортови освен за три, за кошарка и за ракомет за кои ќе биде 40 проценти бидејќи се поскапи спортови од другите и за фудбал 50 проценти од износот што треба компанијата да го плати за данок на добивка да може да го инвестира во некој спортски фудбалски клуб и за таков износ да биде ослободена од данок на добивка. За федерациите ќе биде 40 проценти од износот што треба да се плати за данок на добивка, рече Груевски.
Исто така се зголеми и процентот за индивидуални спортисти.
– Во делот на олимписки спортови од шест проценти на 10 проценти, во делот на неолимписки спортови од три на пет проценти од пресметаниот данок на добивка што треба да го плати компанијата, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Се извршиле, според него, и други корекции на што укажале спортските федерации или, пак, клубовите.
– На пример укажаа дека ќе им биде големо оптоварување ако сите клубови во управните одбори треба да ангажираат по два правника и два економиста. Тоа после јавните расправи се сведе само на оние клубови од прва лига и кои ќе користат над 10 илјади евра од ваков вид помош, односно поддршка како што овозможува законот. Има и други работи што се прифатија. Дел од нив ќе се инкорпорираат во двата закони што вчера Владата ги прифати и ги испрати до Парламентот – Законот за спорт и Законот за данок на добивка. Има и други што ќе бидат преточени во други законски решенија по изборите, истакна Груевски кој денеска бешена промоција на книги од Светската литература.