Македонските граѓани и годинава најевтино ќе можат да ги затоплуваат своите домови на огревно дрво, а греењето на струја или со церално парно греење ќе ги чини најмалку двојно повеќе.
Проф. д-р Константин Димитров од МАЦЕФ вели дека годинава е карактеристично што граѓаните речиси подеднакво ќе плаќаат доколку се греат на електрична енергија или со централно парно греење. Според него, поевтина варијанта би било да се греат на електрична енергија преку геотерманлни топлински пумпи, но нивното вградување чини многу.
Македонските домаќинства најчесто се греат на електрична енергија иако експертите велат дека греењето со огревни дрва е повеќе од двојно поевтино.
Според нив, грејната сезона во Македонија најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.
Оценуваат дека најевтино достапно греење во Македонија е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски вели дека не може со сигурност да каже колку домаќинства се греат со огревно дрво, но процентот секако е висок.
– Процентот секоја година е се повисок со оглед на фактот што греењето со огревно дрво е најмалку двојно поевтино од кое било друго греење. Доколку го споредиме со парното греење, тоа е двојно поевтино, а во однос на греењето со струја, пак, е повеќе од двојно поевтино, посочува Караџоски, нагласувајќи дека огревното дрво веќе петта година има иста малопродажна цена, а дополнително годинава Владата ја намали цената за 10 до 15 отсто заклучно со септември.
Нагласи дека располагаат со 48 складови на огревно дрво на целата територија на државата и залиха од 36.000 метри кубни, што значи дека има доволни количини на дрва. ЈП „Македонски шуми“ годишно продава од 500 до 550 илјади метри кубни огревно дрво.
– Ако се има предвид дека вкупната дрвна маса која се продава во Македонија, според некои податоци, изнесува од 750 до 800 илјади метри кубни излегува дека ЈП Македонски шуми покрива 50 до 60 отсто од вкупната продажба. Остатокот отпаѓа на приватните складови, приватната шума, национални паркови и дел на нелегална сеча, посочува Караџоски.
Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 метри кубни огревно дрво за загревање или најчесто околу шест метри кубни. Доколку се подели вкупната дрвна маса со бројот на метрите кубни неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Просечната малопродажна цена за метар кубен буково огревно дрво се движи од 2.500 до 3.000 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по метар кубен. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 10 до 20 илјади денари годишно.
Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе метри кубни на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.
Во Македонија особено тешко е да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее.
– Единствено од веќе потрошената електрична енергија може да се оцени дали и колку домаќинства се греат на електрична енергија, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Димитар Петров.
Пресметките покажуваат дека за греење на електрична енергија просечно македонско домаќинство треба да одвои и до 30.000 денари во нормално студена година, а доколку температурите се пониски сумата значително се зголемува.
Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 4,48 денари за потрошен киловат час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина метри квадратни просечно се трошат по околу 2 киловат часови електрична енергија на час, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат часови или околу 112 денари. Кога на нив ќе се додадат и 18 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 132 денари за загревање или 4.100 денари месечно.
Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.
Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 5,59 денари за скапата до 2,8 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има само во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат значително повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и повеќе од 10.000 денари.
Во Македонија во моментов централно греење има само во Скопје иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи.
Според Петров, во моментов во Скопје речиси 55.000 домаќинства се греат на колективно централно греење.
– Бројот на корисници во последните неколку години значително е намален поради високата цена на чинење, но со измените на правилниците за топлинска енергија и исклучените корисници мораат да плаќаат надомест за греење, вели Петров.
Пресметката, според калкулаторот на РКЕ, покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 метри квадратни изнесува околу 2.000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.000 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 метри квадратни се неопходни најмалку 24.000 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.
Податоците на Балкан енерџи груп (БЕГ), главниот снабдувач со топлинска енергија во Скопје, покажуваат дека 36 отсто од потрошувачите во главниот град се греат на централно греење. Од останатите 64 отсто нешто помалку од половината се греат на дрва и фосилни горива, а другите на електрична енергија.
Од БЕГ посочуваат дека токму ваквата состојба со греењето е главната причина за големата загаденост на Скопје во зимскиот период и додаваат дека на парно греење треба да се преориентираат сите кои имаат приклучок или можност да се приклучат на мрежата за централно греење. Нагласуваат дека БЕГ испорачува чиста еколошка енергија бидејќи работат на природен гас кој најмалку ја загадува животната средина од сите фосилни горива.
Во минатото во Македонија голем дел од домаќинствата се загреваа со Екстра лесно масло за домаќинство (нафта), но по нафтената криза во 80-тите години од минатиот век и драстичното зголемување на цената на суровата нафта, особено во последните десетина години, нивниот број е се помал.
Порано голем дел од граѓаните, особено оние со сопствени куќи, имаа и сопствено парно греење на нафта, но во последниве години тие или се преориентираа на парно греење на струја и дрва или, пак, на некои од другите видови греење.
Ако се има предвид дека за сопствено парно греење годишно им беше неопходно од 1,5 до три тони нафта и доколку се знае цената на Екстра лесното масло за домаќинството (ЕЛ 1) која во моментов изнесува 53,5 денари за литар излегува дека сега за греење би им биле неопходни најмалку 80.250 денари годишно.
Во минатото популарни беа и таканаречените нафтени или печки на нафта кои дневно за загревање трошеа и до пет литри нафта. Месечно за греење со нафтена печка излегува дека сега би биле потребни околу 8.290 денари или годишно од 25 до 50.000 денари за загревање на само една просторија.
Македонија има вкупно 564.296 домаќинства и 698.143 станови, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Ако од бројката се одбијат оние кои се згреваат на централно греење во Скопје и домаќинствата што се греат на огревни дрва излегува дека околу 370.000 домаќинства се греат на електрична енергија иако има и домаќинства во Куманово и Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и Кичево кои се греат на јаглен.
Во Македонија има и можност за загревање со геотермални води, особено во Кочанско, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култири под стакленици.