Рускиот енергетски гигант „Газпром“ соопшти дека Грција е отстранета од плановите за изградба на гасоводот „Јужен поток“ кој се очекува да почне да доставува гас за Западна Европа во 2015 година.
Како што јави „Катимерини“, претставници на „Газпром“ на прес-конференција во Москва соопштиле дека одлуката е донесена поради тоа што побарувачката на грчкиот пазар не може да ги покрие трошоците за инвестицијата.
– Нема да го градиме гасоводот за да биде празен, изјави Леонид Чугунов, шеф на одделот за менаџирање со проектот.
Тој информира дека неговата компанија ги исцрпила плановите за изградба на јужниот дел од „Јужен поток“ во Италија преку Грција во догледна иднина и даде јасно на знаење дека цел на проектот се само пазари кои се во состојба да понудат значајна потрошувачка. Тоа не е случај со Грција или јужна Италија.
Плановите за Грција да биде дел од Јужен поток се резултат на делумно добрите односи меѓу Атина и Москва за време на Кабинетот на Костас Караманлис и се поврзани со позитивниот став на неговата Влада во промоцијата на нафтоводот „Бургас – Александропулос“, пишува „Катимерини“. Уште од тогаш беше јасно дека грчкиот дел од Јужен Поток нема да се базира на финансиски критериуми.
Сепак, извори од енергетскиот сектот тврдат дека заинтересираноста на „Газпром“ за грчкиот пазар на гас значи дека не можат сосема да се отфрлат плановите за враќање на Грција во проектот „Јужен поток“ во иднина.