Министерството за економија минатиот месец распиша јавен повик за субвенции за поставени фотоволтаиици за домаќинства, но условот враќање на дел од вложеното е тие да биле поставени од 1 јануари годинава.
Бектеши, Бочварски и Ковачевски заборавија дека и во претходните шест месеци, граѓаните забрзано поставуваа вакви системи поради ветувањето дека ќе добијат финансиско олеснување покрај олеснувањата во процедурите за дозволи.
Граѓаните кои први наместија фотоволтаици се чувствуваат изиграни од Владата.
– Јас сум лично мотивиран бидејќи како мене и така и многу други домаќинства беа „изиграни“ од Владата. Се работи за кампањата и фалбите кои во периодот од мај до јуни 2022 година беа пуштени од премиерот и сите владини претставници за поставување на фотоволтаици за домаќинства со промена на законот: моќност од 6 KW, олеснување на постапка и субвенции од околу 60000 денари. Сите ветувања беа исполнети освен делот на субвенции за кој во текот на цела 2022 не беше даден јавниот оглас во Министерство за економија.
Некоректно од страна Владата и Министерство за економија е субвенциите да ги најавуваат во април 2023 и за десетина дена во истиот месец да се појави оглас за субвенции со услов за поставени фотоволтаици после 1.1.2023. Се забораваат сите домаќинства на кои им беше дадено ветување од јуни 2022 а истовремено нивната инвестиција беше користена за фалба за успешноста на мерката и проектот – истакна Оливер Симјанов за „А1он“, револтиран граѓанин.
Тој наместил во средината на јули фотоволтаици со моќност од 5,5 KW за сума од 5.400 евра или по 1.000е за киловат моќност.
– Се беше добро, имаше олеснувања со дозволи, добивме броило од ЕВН. Се си течеше добро, но она што го ветуваа политичарите го нема. Во декември потпишавме договор со ЕВН за преземање на вишокот. Од Владата треба да бидат принципиелни, да важи субвенционирањето од 1 јули 2022 година затоа што за тие шест месеци многу граѓани инсталираа фотоволтаици токму поради ветените субвенции – додаде Симјанов.