Градежен институт Македонија кој е дел од конзорциумот на тринаесет извонредни истражувачки институции и организации од седум европски земји вклучени во CINDERELA, за реализација на дел од активностите потребни за овој проект склучи договор за деловно техничка соработка со компанијата Макстил.
Главната заедничка активност беше поставување пилот постројка за механичка обработка на секундарна индустриска суровина – троска (црна и бела), добиена при самиот процес на топење на старото железо во фабриката Макстил.
-Циркуларна економија е концепт којшто Макстил активно го поддржува и затоа веднаш ја прифати поканата за вклучување во конзорцискиот проект CINDERELA. Суштината на оддржливиот развој ние во нашата компанија ја гледаме во рационалната реупотреба на суровините и отпадните материјали, со еднаква свесност за вредноста на сите материјали во производниот процес и нивното влијание врз животната средина. Во производните процеси на Макстил, тоа што за некого е отпад, ние го гледаме и го третираме како суровина, му ја зголемуваме вредноста и му даваме нова употребна вредност. Така, троската, која е отпад од нашиот производен процес, претставува одлична суровина за градежништвото кадешто се користи како градежен материјал и на тој начин се обезбедува зачувувување на природните ресурсите, изјави Иван Бановски, генерален директор на Макстил.
Со поддршката на новиот бизнис модел на циркуларна економија, додаде, уште еднаш ја потврдуваме нашата грижа за поздрава и почиста животна средина, заштеда на природните ресурси, подобрување на конкурентноста на нашиот производ и воедно се доближуваме до целта нула отпад.
Завод лабораторија при Градежен институт Македонија е задолжен за целокупните лабораториски испитувања и тестирања на црната и белата троска за нивна употреба, како и за дизајнот на бетонската и асфалтната мешавина, лабораториските испитувања на готовите производи, бетон и асфалт приготвени во лабораторија.
Претходно во лабораторијата на УГД Штип, како и во други европски лаборатории, беа направени серија тестови со кои се докажа дека ваквите материјали потекнуваат од категоријата инертни материјали кои не се штетни по животната средина.
Во оваа фаза се започнува со санација на деградиран простор во паркинг плато со површина од 6.500 квадратни метри за што ќе биде употребен агрегат за тампон и реконструкција на улица со површина од 2.150 квадратни метра за што ќе биде користен агрегат за асфалт.
За изградбата на паркинг плато и улица ќе биде употребено 11.000 тони црна троска, додека за изградба на преградни ѕидови ќе бидат употребувани монтажни бетонски блокови, кои ќе бидат изработени од бетон со додаток на околу 20 проценти бела троска како замена за цемент.
-Реализацијата на овој проект е од големо значење за нашето општество, зошто целта е да се создадат нови бизнис можности во градежната индустрија за одржливо користење на секундарни отпадни материјали од индустријата како идни градежни производи, материјали или објекти, изјави Доцент д-р Златко Илијовски координатор на проектот CINDERELA за Градежен институт Македонија.
Проектот „Нов бизнис модел на циркуларна економија за оддржлив урбан развој и градба – CINDERELA е комплексен истражувачки и иновативен проект, финансиран од програма „Хоризонт 2020“ на Европската Комисија, базиран на можностите за намалување на урбаниот отпад, кој има за цел развивање и демонстрирање нов бизнис модел на циркуларната економија. Целите на оваа циркуларна економија се насочени кон оддржлив урбан развој и градење (ЦЕБМ) за употреба на секундарни отпадни суровини (СОС) во различни области, кои како краен продукт ќе претставуваат употреблив градежен производ, објект или градба. Притоа, во овој процес се поврзуваат различни индустрии, градежниот сектор, општинските услуги, носителите на одлуки и пошироката јавност. Овој проект е од помош на компаниите за воспоставување успешни бизнис случаи на циркуларна економија засновани врз можностите од отпад до ресурс, односно концептот „нула отпад”.