„Газпром“ денеска од руското крајбрежје на Црно Море почна со изградба на морската отсечка од гасоводот „Турски поток“ , соопшти компанијата, цитирана од ТАСС.
„Денеска во Црно Море почна изградбата на гасоводот „Турски поток“. Активностите почнаа на руското крајбрежје. Полагањето на цевководот ќе се изведува од бродот „Аудасија“ на компанијата „Олсис (Allseas), која е подизведувач за морската отсечка на гасоводот“, се додава во комуникето на компанијата.
Рускиот гигант е подготвен во следните неколку дена да почне со полагање на цевките од морската делница на гасоводот „Турски поток“, на 4 мај изјави шефот на „Газпром“, Алексеј Милер на средбата со рускиот претседател Владимир Путин.
-Ве информирам за нашата подготвеност во текот на следните неколку дена да почнеме со полагање на цевките во морето од гасоводот „Турски поток“, изјави Милер на работната средба со претседфателот.
Тој дополни дека „Газпром“ веќе ги завршил сите подготвителни активности од проектот и дека очекува наредба за почеток на изградбата на морската станица.
Путин изрази увереност дека Турција ќе учествува во проектот и нареди спуштање на цевките за морската станица.
Русија во декември 2014 година го обзнани проектот „Турски поток“ како замена за „Јужен поток“. Во еден период преговорите беа прекинати заради кризата во билатералните руско-турски односи. По средбата во Сант Петербург меѓу претседателите Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган во август минатата година повторно дојде до обновување на подготвителните работи на гасоводот.