Рускиот гигант „Газпром“ соопшти дека ќе го задржи транзитот на гас за Европа преку Украина, како што побара германската канцеларка Ангела Меркел.
Меѓутоа, тоа ќе биде во намален обем и под одредени услови.
– Може да се задржи одредениот транзит (преку Украина) со обем од 10 до 15 милијарди кубни метри годишно, но украинската страна треба да ја оправда економската корист од новиот договор за тоа, изјави генералниот директор на „Газпром“ Алексеј Милер.
Транзитот на рускиот гас преку Украина, кој пред десетина години претставуваше 10 до 15 проценти од гасот што го троши Европа, значително се намали во последните неколку години, особено по пуштањето во работа на Северен поток 1 преку балтичките земји.
Поради лошите односи со Киев, „Газпром“ претходно наведе дека по истекот на договорот во 2019 година ќе го прекине транзитот преку Украина.
Германската канцеларка вчера предупреди дека проектот на подводниот руско-германски гасовод Северен поток 2 не е возможен без да се прецизира улогата на Украина во копнениот транзит на рускиот гас кон Европа.
– Не е можно дека Украина поради Северен поток 2 нема никакво значење за транзитот на гас, истакна Меркел на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Петар Порошенко.
Северен поток 2 е проширување на постојниот гасовод преку Балтичкото Море, со што се заобиколуваат земјите од Источна Европа вклучени во транзитот на рускиот гас во други европски земји.