Газпром гради нов гасовод кон Германија

Од:

Рускиот енергетски гигант „Газпром“ договорил со британско-холандскиот конзорциум „Shell“, со германски E.ON и австриски OMV план за градење нов гасовод кон Германија, објавија во петокот компаниите.

Според меморандумот за разбирање, кој беше потпишан во четвртокот на маргините од Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, и до медиумите го испрати истиот ден „Газпром“, а во петокот го потврдија споменатите компании, E.ON, OMV и „Shell“ ќе се вклучат во изградбата на новиот гасовод од Русија преку Балтичкото Море до Германија, со годишен капацитет од 55 милијарди кубни метри природен гас.

Временската рамка за реализација на проектот не е наведена, а новиот гасовод би требало за двојно да го зголеми капацитетот на постојниот Северен тек, кој сега ги поврзува двете земји.

Најавата за проектот временски се поклопува со засилените настојувања на Русија да пронајде нови патишта за испораката на својот гас до Европската унија, коишто ќе ја заобиколат Украина, откако Москва во 2019 година ќе престане да ја употребува тамошната гасна инфраструктура, и покрај тоа што ЕУ настојува да ја намали својата зависност од рускиот гас проширувајќи ги изворите за снабдување, забележуваат западните медиуми. Европа моментално третина од своите потреби за гас ги задоволува со увоз од Русија, а најголем дел од тоа оди преку Украина.

Од „Газпром“ соопштија дека по откажувањето на проектот Јужен тек, поради недоразбирањата со Брисел околу европските прописи за ткн трет енергетски пакет, со кој рускиот гас требаше да биде пренесуван преку Црното Море до Бугарија и оттаму до централна Европа, овој договор им овозможува извршување на дополнителните испораки на гас за Европа.

Претставникот на „Газпром“, Сергеј Купријанов појасни во четвртокот дека на компанијата ќе ѝ припадне најмалку 51 отсто од заедничкото вложување, додека уделот на акционерите ќе биде сличен како и во постојниот гасовод „Nord Stream AG“. Рутата по којашто ќе се движи новиот гасовод ќе биде слична на Северниот тек.

„Во блиска иднина страните ќе пристапат кон формирање заедничка компанија за реализација на проектот. Страните планираат да го искористат позитивното искуство и достигнувањата на ‘Nord Stream AG’, кој компанијата го води од 2012 година, вклучително и преку вршење длабинска анализа“, се вели во соопштението на „Газпром“.
Извршниот директор на руската компанија, Алексеј Милер, изјави во петокот во Санкт Петербург, дека новиот гасовод ќе овозможи „побезбедно и посигурно испорачување на гасот“ на европските пазари. Неговиот колега од „Shell“, Бен ван Бурден, истакна, пак, дека „Новите проекти се важни за осигурување на побарувачката на енергија, особено во контекстот на намаленото производство на природен гас во Европа“.

Инаку проектот Северен тек се реализира со заедничкото претпријатие „Nord Stream AG“ чија акционери се „Газпром“, со 51 отсто, Wintershall Holding (фирма ќерка на BASF SE) и E.ON Ruhrgas, со по 15,5 отсто, Gasunie и GDF Suez со по 9 отсто. Почетокот на експлоатацијата на првиот крак од Северен тек беше означена на 8-ми ноември 2011 година, со капацитет од 27,5 милијарди кубни метри гас годишно. Во април 2012 година беше завршена и втората линија од гасоводот со идентичен капацитет.

Поради гасниот спор меѓу Украина и Русија предизвикан од украинската криза, како и неколкупати претходните години, загрозени се испораките на рускиот гас за Европа. Поради противењето на Брисел, пак, Москва го откажа проектот Јужен тек кон централна и јужна Европа, и наместо тоа „Газпром“ следните месеци се подготвува да ја започне изградбата на ткн „Турски тек“ кој ќе го носи рускиот гас до турско-грчката граница каде што ќе биде изграден хаб за мрежата со вкупен капацитет од 63 милијарди кубни метри гас на годишно ниво.

Претходно во петокот Русија и Грција постигнаа согласност за планираниот гасовод познат како Турски тек. Договорот кој го потпишаа рускиот министер за енергетика Алескандр Новак и неговиот грчки колега Панајотис Лафазанис, се однесува на соработка во градењето и користењето на гасоводот на територијата на Грција.

Би можело да ве интересира

Ковачевски: Ќе се покачи цената на струјата поради таксата од Бугарија за рускиот гас

A1on

Бектеши: Ако Бугарија ни наметне такса за рускиот гас, ќе бараме оштета

A1on

Хајка во Британија поради спонзорот на Црвена Звезда

Предраг Петровиќ

Путин потпиша нов указ: На Гаспром му се забранува да купува природен гас поскап од редовните цени

А1он

Германскиот увозник „Унипер“ го тужи „Газпром“ за неиспорачување гас

Газпром нема да ја прекине испораката на гас за Молдавија

А1он