Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“ се приклучува кон манифестот потпишан од над 150 европски невладини организации со кој се бара од Европската Унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европскиот Парламент, да запре поддршката и финансирањето на нови хидроцентрали, информираат од здружението.
Бараме, потенцираат, средствата да се пренаменат за модернизација, еколошка трансформација на постоечките централи, за отстранување на застарените брани, како и за премин кон обновливи извори на енергија кои немаат негативно влијание врз природата и сметаат дека новите хидроенергетски проекти не треба да бидат субвенционирани од државата, ниту финасирани од меѓународните финансиски институции.
-Одбележувајќи го Светскиот ден на миграција на риби, Фронт 21/42 заедно со организации како WWF – Светски фонд за природа, Climate Action Network Europe и BirdLife, алармираме за штетите кои произлегуваат од изградбата на нови хидроцентрали во Европа. Токму на европскиот континент сведоци сме на најголемо уништување на реките и предизвикување на речна фрагментација, со што се загрозуваат слатководните екосистеми, а истовремено нема значаен придонес во борбата против климатските промени, велат од „Фронт 21/42“.
Невладините, додаваат, ја потсетуваат ЕУ дека поддршката за нови хидроцентрали е во спротивност со целите за биодиверзитет на Новиот европски зелен договор.
-Во Европа, популацијата на слатководни риби кои мигрираат е намалена за 93 проценти од 1970 година до денес. Хидроенергетските проекти се најголемиот виновник за колапсот на екосистемите, а сепак во моментов преку 5500 нови проекти се во процес на планирање или изградба. Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани, посочуваат од Еколошко здружение на граѓани и нагласуваат дека енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија е неоправдана преку проекти како хидроцентралите со кои се уништуваат последните слободни реки и уникатниот биодиверзитет, особено кога енергетските придобивки се незначителни.
Во моментов кај нас, прецизираат, девет од 10 нови или планирани хидроцентрали имаат капацитет помал од 10 мегавати, а овој незначителен удел во производството на електрична енергија зад себе остава пресушени реки, блокирани миграциски патеки на рибите, уништени речни екосистеми и локално население без вода за пиење и наводнување.
-Во нашиот регион се наоѓаат последните слободни реки на европскиот континент, но за жал драматичната експанзија на мали хидроцентрали се заканува трајно да ги уништи нашите реки и уникатниот живот во нив, нагласуваат од „Фронт 21/42“.
Во моментов во земјава се изградени девет големи и над 70 мали хидроцентрали кои се оперативни, но според издадените концесии таа бројка ќе се искачи на околу 120, од кои една третина се во заштитени подрачја. Збирната инсталирана моќност од малите хидроцентрали изнесува 106,32 мегавати, што е удел од 5,12 отсто во вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија на државата. Во последните 10 години државата за мали хидроцентрали издвоила 72 милионa евра.