Минатата година се зголемила понудата и на станови, и на канцелариски и на трговски простор во Македонија, соопшти агенцијата „Фортон“ по извршената анализа за пазарот на недвижности во 2012-та година.
Како резултат на зголемената понуда на канцелариски простор во Скопје, цените за изнајмување паднаа, а особено во премиум – сегментот (сегмент А), каде падот е до 20 проценти. Сега цените во сегмент А (канцеларии во објект каде нема малопродажба, хотели и слично, туку исклучиво канцеларии) се движат од 10,5 до 13,5 евра за метар квадратен.Во сегментот Б (објект со канцеларии, но и дуќани и други услужи дејности) цените се движат од 5 до 9 евра за метар квадратен.
Еден од покрупните промени на пазарот на канцелариски простор во Скопје беше преселувањето на Македонски Телеком во нова зграда од околу 11 илјади метри квадратни, што дополнително го зголеми за 5 проценти неискористениот канцелариски простор од сегмент А и достигна 19 проценти од целиот простор од оваа класа.
Агенцијата смета дека пазарот на канцелариски простор ќе остане стабилен оваа година.
Пад на цените, единствено може да се очекува при обнова на договорите за закуп, како и понатамошни промени на локации поради зголемена понуда и намалени цени. Со вкупна пополнетост на 25,403 метри квадратни, сегментот на канцелариски простор на годишно ниво бележи пораст за цели 56 проценти.
Јасна Атанасова