Одлуката на бугарскиот премиер Пламен Орешарски да ја замрзне реализацијата на проектот „Јужен поток“ претставува сериозен удар на напорите на Русија да ја зацврсти својата позиција на главен енергетски дистрибутер на Европската унија, оценува во денешниот број британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Според весникот, изградбата на „Јужен поток“, преку кој Русија би доставувала гас до европските земји заобиколувајќи ја Украина, би му овозможил на Кремљ да го засили притисокот врз Киев, бидејќи со функционирњето на овој гасовод ќе биде возможно запирање на доставувањето гас за украинските потрошувачи, без притоа да биде загрозена дистрибуцијата на рускиот енергенс до Европа.
„Фајненшл тајмс“ оценува дека со разгорувањето на украинската криза, ЕУ и САД ги засилиле притисоците врз Софија за запирање на реализацијата на „Јужен поток“, особено што во неговата изградба низ бугарска територија учествуваше и руската компанија „Стројтрансгаз“, чиј директор Генади Тимченко е на листата на руски претставници кон кои САД воведоа санкции поради мешањето на Русија во Украина.
– Политичкиот притисок врз Бугарија е огромен, па затоа не е случајно што одлуката на премиерот Орешарски беше обелоденета по средбата со тројца американски сенатори, меѓу кои беше и Џон Мекејн, наведува „Фајненшл тајмс“.
Весникот пренесува и изјава на бугарскиот аналитичар Илијан Василев кој оценува дека најавата на Орешарски била со цел да ги смири странските и домашните критичари, но дека неговата одлука за замрзнување на проектот „Јужен поток“ треба да добие поддршка и од Владата.
– Продолжувањето на проектот „Јужен поток“ во голема мерка зависи и од политичките и бизнис интересите на Бугарија, па затоа бугарската Влада делува несигурно по ова прашање, заклучува Василев.
Според весникот, одлуката за замрзнувањето на „Јужен поток“ може да доведе и до распад на владината коалиција, бидејќи во владејачката Социјалистичка партија има големо крило кое се залага за поблиски врски со Кремљ, додека од друга страна помалиот коалициски партнер на социјалистите е за целосно почитување на политиката на Брисел околу изградбата на гасоводот.
Рускиот весник „Комерсант“, исто така, оценува дека решението на Орешарски може да предизвика пад на неговата Влада и да доведе до политичка криза во Бугарија.
Според весникот, Москва проценува дека одлуката на Софија е резултат на политички притисок на кој е изложена Бугарија од страна на Брисел.
Московскиот весник „Росискаја Газета“ наведува дека и покрај изјавата на Орешарски, Русија досега не добила никакво официјално соопштение или одлука на Софија за прекин на изградбата на гасоводот.
– Ситуацијата околу „Јужен поток“ повеќе наликува на познатата руска поговорка: „да ветиш не значи и да се ожениш“. Самата изјава на бугарскиот премиер формално гледано не е толку страшна колку што изгледа, наведува „Росискаја Газета“.
Руските медиуми оценуваат дека од стопирањето на изградбата на „Јужен поток“ најголема полза би имале САД, бидејќи во недостиг на руски природен гас тие би можеле да ја снабдуваат Европа со нивниот гас од шкрилци со што корист би имала американската економија.
Рускиот весник „Гудок“ смета дека Бугарија ја стопирала изградбата на гасоводот под притисок на САД и ЕУ и во услови на разнишана позиција на Владата во Софија.
– До сега оваа балканска држава активно и успешно одолеваше на притисоците на Вашингтон и Брисел, но одеднаш се предаде. Таквата капитулација е последица на политиката, иако не смее да се занемари и економскиот аспект. Доколку состојбата во Бугарија не беше толку тензична, вашингтонсиот притисок можеби и немше да даде резултат, оценува за весникот германскиот експерт за енергетска политика Матијас Дорфелд.
Заменик-директорот на рускиот Фонд за национална енергетска безбедност, Алексеј Гривач во изјава за „Комерснат“ вели дека Бугарија би можела да го промени сегашниот став околу блокирањето на „Јужен поток“, но за возврат би барала дополнителни отстапки од Русија.
Според Гривач, одбивањето на Русија да го дистрибуира својот гас преку територијата на Украина е прашање на принцип, па затоа Москва бара алтернативни патишта за транзит на енергенсот до Европа, и во случај да не биде изграден „Јужен поток“, тогаш руските власти би можеле да се определат за изградба на гасовод преку Турција.
Весникот оценува дека треба да се почека и ставот на Италија, која, како што наведува, се уште „не го кажала својот последен збор“, имајќи предвид дека по „Газпром“ еден од главните акционери во „Јужен поток“ е и италијанскиот концерн „Ени“. Концернот е еден од најголемите даночни обврзници и располага со големо влијание и административни ресурси. Тој механизам едноставно не смее да се занемари, сметаат експертите, оценувајќи дека е возможно Италија да изврши притисок врз Европската комисија за деблокирање на изградбата на гасоводот.