Државниот дефицит во Еврозоната и во 28-те земји-членки на Европската унија во 2013 година се намалил во апсолутна смисла во споредба со 2012 година, додека државниот долг се зголемил во двете зони.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова денеска го објави Европската канцеларија за статистика (Евростат), при што се наведува дека државниот дефицит во Еврозоната, во однос на бруто домашниот производ (БДП) е намален од 3,6 проценти во 2012 година на 2,9 отсто лани, и од 4,2 на 3,2 проценти во цела ЕУ.
Што се однесува до државниот или јавен долг, во Еврозоната тој е зголемен од ниво на 89,0 отсто од БДП во 2012 на 90,9 проценти минатата година, а во ЕУ државниот долг бил 83,5 проценти пред две година, додека лани изнесувал 85,4 отсто од БДП.
Во однос на земјите-членки на Унијата, Луксембург (0,6 отсто) и Германија (0,1 отсто) имаат остварено државен вишок во 2013 година, додека најниски дефицити во проценти забележале Естонија (-0,5), Данска (-0,7), Летонија (-0,9), Бугарија (-1,2), Чешка и Шведска (по -1,3).
Сепак, дури десет ЕУ-земји имаат државен дефицит поголем од три отсто на БДП, што е минимум дозволен дефицит од страна на Унијата, а тоа се: Словенија (-14,6 проценти), Грција (-12,2 отсто), Шпанија (-6,8 проценти), Велика Британија (-5,8 отсто), Ирска (-5,7 проценти), Хрватска (-5,2 отсто), Кипар и Португалија (по -4,9 проценти), Франција (-4,1 отсто) и Полска (-4,0 проценти).
На крајот на минатата година, најнизок јавен долг на БДП е забележан во Естонија (10,1 отсто), Бугарија (18,3 проценти), Луксембург (23,6 отсто), Романија (37,9 проценти), Летонија (38,2 отсто), Шведска (38,6 проценти), Литванија (39,0 отсто), Данска (45,0 проценти) и Чешка (45,7 отсто).
Сепак, дури 16 земји-членки на Унијата имале државен долг повисок од минимум дозволените 60 отсто на БДП, при што највисок долг, очекувано има Грција (174,9 отсто), па следат Португалија (128,0 проценти), Италија (127,9 отсто), Ирска (123,3 проценти), Белгија (104,5 отсто) и Кипар (102,2 проценти).
Колку за споредба, на последните пресметки на Евростат, Македонија се очекува оваа година да има 38 отсто државен долг во однос на бруто домашниот производ, што земјата ја сместува меѓу оние со најнизок долг во цела Европа.
Европската канцеларија за статистика, исто така објави и дека јавниот трошок во Еврозоната во 2013 година бил еднаков на 49,4 проценти од БДП, а државниот приход изнесувал 46,5 отсто на БДП.
Бројките во овој поглед на Европската унија изнесувале 48,5 проценти на БДП за трошок и 45,3 отсто приход, при што во двете зони, јавниот трошок се намалил минатата година, додека државниот приход пораснал во однос на 2012 година.