Европската Комисија (ЕК) отвори истражна постапка против рускиот гигант за нафта и гас „Газпром“ обвинувајќи го за „злоупотреба на доминатната состојба“ што ја има компанијата во Средна и Источна Европа.
ЕК соопшти дека станува збор за претходна постапка во која се тврди дека „Газпром“ ги прекршил антимонополистичките прописи на ЕУ.
Официјален Брисел тврди дека руската компанија под државна контрола им го ограничува правото на земјите кориснички на гасот да го препродваат и дека им наметнува „нефер цени“ на некои земји кои се членки на ЕУ.
Обвинетиот „Газпром“ сега има право да одговори на ваквите тврдења од Европската комисија во рок од 12 недели.
ЕК уште пред три години навести дека ќе ја истражува работата на „Газпром“ на европскиот пазар и во земјите од ЕУ, но Москва уште тогаш тврдеше дека ваквата истрага е политички мотивирана.
Западни набљудувачи во Брисел веруваат дека обвинувањта на ЕК ќе предизвикаат натамошно влошување на и онака силно нарушените односи меѓу Русија и Западот, по избувнувањето на украинската криза.
Русија обезбедува една третина од потребите за гас за ЕУ, а половината од тоа количесто се транспортира преку гасоводите на територијата на Украина.
Во текот на минатата година, руски „Газпром“ се најде под силен притисок од ЕУ да не ја намалува испораката на гас за Украина, откако властите во Киев се најдоа во ситуација да не може да ги платат своите долгови за веќе користените енергетски суровини, кои Украинците ги добиваа по пониски цени.
Поради воените судирања во Донбас, во еден момент изгледаше дека Русија ќе ја прекине испораката на гас за Украина, но тоа се надмина со нов договор по пазарни цени, а Унијата помогна за надминување на старите украински долгови.
Полска и Словачка тогаш побараа од „Газпром“ да им се зголеми испораката на гас, но Русија тоа го одби затоа што се разбра дека Полјаците и Словаците им дотураат на Украинците дел од своите потреби за гас за да се намали нивната зависност од рускиот гас и од „Газпром“.