ДПА – Хамбург
Германските извозници претрпеа удар од забавувањето во Кина, иако клучниот автомобилски пазар ќе се активира како одговор на даночните кратења. Машинската и хемиската индустрија бележат пад, а луксузните стоки се особено тешко засегнати
Со години поред, економиите со забрзан развој, како што се Кина, Бразил и Русија, ветуваа брз раст и големи профити, а и откако финансиската криза удри врз нивната внатрешна економија, германските бизнис лидери видоа добри перспективи во тие земји.
Повеќето фирми се во добра форма благодарение на слабото евро, кое им оди во прилог на извозниците, силна остана и побарувачката, но Кина продолжува да биде од суштинско значење како најважен трговски партнер на Германија во моментов. Тоа особено важи за секторот машинство и електротехниката, како и за автомобилската индустрија.
Забавената побарувачка во Кина, високите должнички нивоа и бавното темпо на реформи се основа за вознемиреност. Затоа одредени германски компании ги намалија своите прогнози за третото тримесечје, истакнувајќи ја Кина како причина за тоа.
Застојот во втората по големина економија во светот беше првенствено забележано од производителите на автомобили.
Во септември најголемите производители забележаа благ пораст на профитот, а во октомври таа тенденција се претвори во двоцифрен раст, најмногу благодарение на огромните даночни олеснувања.
Пекинг го преполови данокот на додадена вредност во продажбата на нови автомобили со помали мотори со цел да ја засили побарувачката.
Тоа овозможи малку здив за германските автопроизводители. Главниот финансиски директор на Бе-Ем-Ве, Фридрих Ајхнер, неодамна изјави дека дното е отскокнато. Продажбата на нивните автомобили во континентална Кина порасна за над два проценти во првите десет месеци на годинава.
„Дајмлер“, производителот на „Мерцедес’, забележа пораст на продажбата за над 30 проценти. Само што „Дајмлер“ се појави подоцна во Кина и мораше да надоместува.
„Фолксваген“ објави пад на продажбата за 4,5 проценти. Кина е најважниот пазар за најголемот европски автопроизводител кој таму продава над една третина од својата продукција. Малку е веројатно дека неодамнешниот скандал со дизел моторите на „Фолксваген“ е причина за падот во Кина, затоа што дизел моторите таму ретко се сретнуваат.
Состојбата со хемиската индустрија беше помрачена во текот на летото. Има многу малку изгледи за раст на профитот во тој сектор во оваа година.
Во машинската индустрија исто се забележува пад на нарачките, а Сојузот на германската машинска индустрија (ВДМА) прогнозира стагнација за оваа и идната година.
Вработените во германската челична индустрија се реално вознемирени од тоа што се случува во Кина. Во последниве години Кина стана најголемиот производител на челик во светот, но побарувачка од толкав обем веќе не е потребна.
Затоа Кина има за цел да го продава вишокот производи на светкиот пазар. Цените беа под притисок во текот на летото, донесувајќи загуба за многу европски производители на челик. Како резултат на тоа се појавија барања за воведување царина.
Во финансискиот сектор состојбата е слична. Потресите на пазарите на капитал предизвикани од заканите поврзани со Кина, доведоа до активна трговија и пораст на каматите, но сигурноста на пазарот на обврзници е „отров“ за инвестициските банки.
Производителите на потрошувачки стоки засега добро се справуваат. Шампоните и кремите за раце продолжуваат да се продаваат, донекаде затоа што тие секојдневни производи се со достапни цени.
Спортските производи исто држат добра позиција. – Не гледаме знак за забавување во Кина, ниту во нашиот бизнис, ниту во спортскиот сектор во целост, неодамна истакна главниот извршен директор на „Адидас“, Херберт Хајнер. Тој останува оптимист и за претстојната година.
Кога станува збор за скапи артикли, кинеската средна класа е забележливо повнимателна. Сегментот на луксузните стоки доживеа загуби, особено затоа што првокласните брендови се неколку пати поскапи во Азија.
Крахот на котирањето на берзите во Кина во текот на летото негативно се одразија на довебата кај потрошувачите, посочува компанијата за луксузни стоки ЛМХВ.
Се тврди дека компанијата која продава облека, вина и жестоки пијалоци, парфеми и козметика со највисок квалитет, размислува да затвори многу продавници во Кина.
Германската модна куќа „Хуго Бос“ исто забележа пад на побарувачката и ги намали своите очекувања за следната година.