Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбедува 86 милиони евра за надградба на транспортната инфраструктура и зајакнување на регионалната интеграција на македонското јавно претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Ова е втора транша од проектот што е вреден 181 милиони евра, а ќе послужи за финансирање на надградбата на 26 делови од македонската патна мрежа, која покрива над 400 км од регионалните и локалните патишта во земјата.
– Ни претставува задоволство што придонесуваме во развојот на националната инфраструктура, и во регионалната интеграција на Западен Балкан, која е круцијална за поттикнување на трговијата и развојот. Ова ќе донесе подобрување на секојдневното живеење на ѓраѓаните, овозможувајќи развој и раст на деловните активности, изјави претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти.
Работите, како што соопштија од канцеларијата на ЕБОР во Скопје ќе опфатат реконструкција на горниот слој и подслоевите од патот со нов асфалт, како и замена на сообраќајната сигнализација, маркери на патот, кои се поставуваат по краевите и заштитни огради.
Македонскиот министер за финансии, Драган Тевдовски истакнал дека обезбедувањето одржлива инфраструктура е една од нашите развојни приоритети и, како што рекол, благодарение на соработката со ЕБОР, добро напредуваме во обезбедувањето подобар транспорт во земјата.
Во прватата фаза на имплементација на овој проектот се реализираа реформи во делот на одржување на патиштата, кои помогнаа во создавањето на повеќе можности за соработка со компании во приватниот сектор.
Втората транша се надградува врз иницијативите од претходните проекти, и дополнително ќе ги олесни реформите во финансирање на патниот сектор. Дополнителни неповратни финансиски средства, ќе се обезбедат за финансирање на техничката помош, што ќе помогне во зајакнување на финансиската одржливост на ЈПДП, вклучувајќи ревизија на постоечката тарифна методологија за формирање на износите на патарините, кои ги плаќаат корисниците на патиштата.
Инвестицијата е делумно поддржана од Фондот на Централнo европската иницијатива (ЦЕИ), обезбеден од италијанската Влада. Од тука се обезбедуваат неповратни средства за финансирање на компонентата за техничката соработка, во рамки на проектот.
ЕБОР реализира проекти во Република Македонија од 1993 година, и до сега има инвестирано над 1.6 милијарда евра, во над 100 проекти во земјата.