ДЗР: Обезбедување вработување и вештини согласно пазарот на труд и намалување на одлив на кадар, главен предизвик за Владата

Од:

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Владино планирање – Ефективност на владини мерки за справување со ризиците на пазарот на трудот и начинот на планирање на средствата за нивно надминување“, за периодот 2017 – 2020 годинам, при што ревизорите утврдиле дека преземените мерки и активности од страна на надлежните институции за справување со ризиците на пазарот на трудот не се доволно ефективни и постои потреба од нивно координирано дејствување и зајакнување на активностите во делот на креирање политики и мерки за вработување, унапредување на вештините согласно побарувачката на пазарот на трудот и задржување на кадарот преку нудење на квалитетни можности за вработување.

Со ревизијата биле опфатени повеќе субјекти од институционалната рамка за креирање и регулирање на пазарот на трудот и тоа: Министерство за труд и социјална политика, Агенција за вработување на РСМ (АВРСМ), Министерство за образование и наука (МОН), Државен завод за статистика, Стопанска комора на РСМ, Министерство за внатрешни работи, Влада на РСМ, Министерство за здравство и Министерство за економија.

-Утврдените мерки и политики со законите, стратешките документи, програмските и плански документи и преземените активности од страна на надлежните институции за спроведување на политиката за вработување, се насочени кон подобрување на вработеноста, односно намалување на стапката на невработеност. Сепак, имајќи ги предвид утврдените недоречености во законската регулатива, делумната имплементација на стратешките и плански документи; преземените активности за подобрување на усогласеноста на вештините со барањата на пазарот на трудот кои не се остварени согласно утврдените цели и динамика; недостигот на доволно координиран и системски пристап за креирање на политики и следење на процесот на имплементација на предвидените цели и активности; недостигот од човечки ресурси на АВРСМ и потреба од изнаоѓање на дополнителни извори на финансирање, како и отсуството на редовна евалуација на ефикасноста и ефективноста на активните програми и мерки за вработување, претставуваат квалитетна основа за ревизорите да утврдат дека политиките, мерките и активностите преземени од страна на надлежните институции не се доволно ефективни за обезбедување вработување и вештини согласно барањата на пазарот на трудот и надминување на трендот од континуиран одлив на кадар од државата, гласи заклучокот на Државниот завод за ревизија по направената ревизија на успешност.

Кај основните стратешки документи кои ги креираат политиките од областа на пазарот на трудот и образовниот систем кои се насочени кон зголемување на вработеноста и квалитетот на работните места, ревизорите утврдиле дека постои нецелосна имплементација на поставените стратешки цели, како резултат на недоволна реализација на утврдените индикатори кај дел од планираните активности во надлежност на Агенција за вработување на РСМ и Министерство за образование и наука.

-Високата стапка на невработеност кај младите лица (од 39,2 отсто во 2017 година, 37 отсто во 2018 година, 30,5 отсто во 2019 година) наметнува потреба од преземање на мерки кои имаат за цел подобрување на нивната состојба на пазарот на трудот, пред се преку олеснување на преминот од образование кон вработување. За справување со предизвиците со кои се соочуваат младите лица и нивната недоволна вработеност, Владата на РСМ во 2018 година, предвидува реализација на мерка насловена како Гаранција за млади (ГМ), посочуваат од Заводот за ревизија.

Успешноста на оваа пилот мерка, со која младите лица се вработиле или биле вклучени во некоја од активните мерки за вработување за 2018 година изнесува 41,7 проценти или од 5.266 невработени млади лица 2.197 успешно излегле од истата (спроведена во три Центри за вработување) и 2019 година изнесува 35 отсто, или од 20.302 невработени млади лица, 7.232 успешно излегле од истата (спроведена на ниво на РСМ).

Во извештајот на ДЗР се истакнува дека младите луѓе во РСМ се соочуваат со потешкотии при транзицијата од образование кон пазарот на труд, а значаен дел од нив се долгорочно невработени, со што ги губат стекнатите знаења и вештини, нивната продуктивност се намалува, а со тоа и можностите да најдат работа.

Квалитетното образование засновано на анализа на потребите од знаења, вештини и компетенции, се потенцира во Извештајот, е неопходно за намалување на неусогласеноста на вештините со потребите на пазарот на трудот. Со оглед на наведеното потребно е преземање на дополнителни активности за понатамошни зајакнувања на реформите на сите нивоа од образовниот систем во насока на продуцирање на кадар кој ќе одговара на потребите на пазарот на трудот.

Во извештајот се наведува дека согласно податоците добиени од анализата на повеќе стратешки документи и анализи од Светска банка укажуваат дека се поевидентна е емиграцијата на високо квалификувана работна сила позната како „brain drain” или „одлив на мозоци“, односно недостаток на определени профили на кадри кои што најчесто емигрираат од РСМ во поразвиените држави како медицински кадар, инженери, ИТ експерти, стручни лица и научници, студенти од техничките и природните науки.

-Ревизијата утврдила дека дефинирањето на Програмите, мерките и услугите за вработување на пазарот на трудот (АПМ) во рамките на Оперативниот план кој се изготвува на годишно ниво од страна на МТСП, a се имплементира од АВРСМ не се темели на детални анализи за одржливоста и ефикасноста на активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот со што би се потврдиле придобивките или слабостите на истите. Од тие причини неопходно е континуирано оценување на успешноста на активните мерки за вработување и услуги на пазарот на труд, како и поставување на таргети и следење на нивното исполнување. Ревизорите ја истакнуваат потребата од зајакнување на капацитетите на човечки ресурси во АВРСМ нивно постојано подобрување и утврдување на критериуми за реално планирање на финансиските средства по мерки, политики и услуги кои се важен предуслов за успешна реализација на планираните активни мерки и услуги на пазарот на трудот, се вели во соопштението.

Ревизорски извештај се осврнуваи на негативните ефекти и влијанија предизвикани со појавата на пандемијата Ковид-19, особено на пазарот на трудот, кои значително се менуваат и добиваат сосема нови показатели. Ковид-19 пандемијата се интензивираше и се прошири во смисла на нејзиниот глобален опфат, со огромни влијанија врз јавното здравје и негативни последици врз економиите и пазарите на труд.

Во извештајот се наведени анализите од страна на АВРСМ за степенот на погоденост на секторите од влијанието на пандемијата, аналогно на тоа и прилив на невработени од тие сектори со нивна категоризација по разни основи и тоа од вкупно 12.580 невработени. Процентот на невработени за периодот од 11 март до 31 август 2020 година според претежната дејност на работодавачот во најголем дел или 37,7 отсто е од преработувачката индустрија, 19,3 отсто од дејноста трговија на големо и трговија на мало и 8,2 отсто од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна и основот на престанокот во најголем дел односно 46 отсто им завршил договорот на определено време, 23 отсто се со спогодбен престанок на работниот однос, 11 отсто дале отказ, додека пак 7 отсто добиле отказ од работодавачот.

-Основни статистички информации неопходни за анализа и следење на промените на пазарот на трудот се податоците за вкупното работоспособно население, активното население, вработеноста и невработеноста во РСМ. Стапката на невработеност во РСМ во 2019 година изнесува 17,3 отсто која бележи намалување за 5,1 отсто во однос на 2017 година, што делумно се должи на ниски стапки на активност, се вели во соопштението од ДЗР.

Реализираната ревизија на успешност е извршена согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2020 година и е составен дел на активностите утврдени со меѓународната паралелна ревизија на тема: „Работната сила 2030 – Дали е вашата земја подготвена?“ Во паралелната ревизија учество земаа вкупно 8 (осум) Врховни ревизорски институции и тоа: Израел, Финска, Италија, Бугарија, Полска, Република Северна Македонија, Европски суд за ревизија (ЕCA) и Јужна Кореја.

Би можело да ве интересира

ДЗР: ЈСП не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги на граѓаните на град Скопје

Од Македонија годишно заминуваат околу 2500 високообразувани кадри

Катерина Ѓуровски

ДЗР: Власта одвојува многу малку пари за судството

ДЗР: Додаток за прилагодување на пазар на труд не се исплаќа во ниту една државна институција

Клиниката за очни болести наплатила 65.000 евра помалку за болничко лекување од 1.579 пациенти, утврдија ревизорите

A1on

Детска клиника: Ревизијата е за 2022 година, за 2024 ќе се обезбеди трикафта за сите

A1on