Џеф Безос, кој го основа Амазон и го претвори во гигант во онлајн трговијата, се повлекува од функцијата главен извршен директор по речиси 30 години на чело на компанијата.
На негово место оваа есен ќе дојде Енди Џаси, кој раководи со услужниот бизнис во компанијата. По повлекувањето 57-годишниот Безос ќе стане извршен претседател.
Во соопштение испратено до вработените Безос наведува дека планира во иднина да го насочи своето внимание кон нови производи и иницијативи кои ги развива Амазон. Според него, тоа ќе му даде повеќе време за споредни проекти, како што се компанијата за вселенски истражувања Блу ориџин, весникот Вашингтон пост и неговите хуманитарни фондации.
Амазон е еден од последните големи технолошки гиганти во светот, чиј основач сè уште е извршен директор. Ко-основачите на Гугл, Лери Пејџ и Сергеј Брин, поднесоа оставки од директорските функции во компанијата-мајка на холдингот Алфабет во 2019 година. Основачот на Оракл, Лари Елисон се повлече од функцијата извршен директор во 2014 година, а Бил Гејтс беше на чело на оперативниот тим на Мајкрософт до 2000 година, а минатата година тој целосно се повлече од Управниот одбор на софтверскиот гигант и се посвети на хуманитарни цели.
Основана во 1995 година, компанијата Амазон стана пионер во брза и бесплатна испорака, привлекувајќи милиони потрошувачи да купуваат секакви производи преку Интернет. Под раководство на Безос, Амазон го лансираше својот прв читач на е-книги, кој беше широко прифатен, а неговиот гласовен асистент Ехо, ја популаризира технологијата во домовите.